Често се занимаваме со размислувања како да бидeме подобрi мајки. Пренесуваме лекција за мајчинството која мајка на девет деца ја научила од монаси.
„Љуби го Бог, служи му на Бог – во тоа е сѐ“ – света Клара Асишка
Не планирав да ја напишам оваа приказна. Меѓутоа, седам покрај своето новороденче, девојче старо 11 дена и размислувам за улогата на мајка и за колку мојата вера ме промени и обликува во човек каков што сум сега. Кога за прв пат станав мајка, не бев подготвена за тоа. Имав само шеснаесет години кога останав бремена и седумнаесет кога ја родив нашата прва ќерка. Еве, по сите тие години, сега сум овде, со своите триесет и шест години, со нашите девет деца и сѐ уште се чувствувам дека не сум подготвена. Можеби улогата на родител (без разлика по кој пат) е толку совршена што всушност никој не е навистина подготвен за неа, или пак проблемот е во мене.
Сигурно ќе се запрашате што можев да научам од монасите за мајчинството. Всушност многу. Знам дека звучи иронично. Но, кога некој човек го сведочи монашкиот начин на живот тоа навистина е пророчки. Пророчки е заради тоа што фрла светло врз животот кој следува – кон небесното Царство. Да се избере заветот на сиромаштво, чистота и послушност и да се живее во заедница со други монаси – сето тоа нема смисла ако овој свет е сѐ што постои. Таквиот сведок ги осветлува животите на сите христијани, потсетувајќи нѐ сите нас на Вистината. Сите христијани се повикани да ги живеат своите животи според таа Вистина, Вистината дека се наоѓаме на пат кон небесното Царство.
Спознание
Тоа спознание (и постојано потсетувам на тоа присуство на монасите во мојот живот) ме поттикна да го живеам своето христијанство поинаку, што секако има влијание на мојата улога на жена и мајка. Се присетувам на некои свои први размислувања кои сум ги имала за мајчинството и бракот, и тоа сега ми е смешно. Слабо сум го сфаќала поимот за христијански брак и семеен живот. Воопшно не сум знаела дека во исто време повикот на сопруга и мајка може да биде исклучително тежок, но и колку многу радост може да донесе.
И како тогаш научив да бидам подобра мајка? Така што учев да бидам подобар христијанин. Она што сега ќе го наведам се само неколку важни работи кои денес ми паднаа на памет додека размислував за мајчинството.
Биди искрен кон себе
Како мајка католик на големо семејство која децата ги едуцира дома, забележувам колку често луѓето однапред ја создаваат идејата за тоа која сум јас всушност и каква мајка би требало да бидам. Понекогаш се поткраднува мојата сопствена борба со перфекционизмот и ме тераат да се обидам да ги остварам идеалите кои ми ги поставуваат другите луѓе. Му благодарам на Бог, не трае долго.
Сопругот и јас се согласуваме дека една од најважните работи кои сме ги научиле од монасите е да се биде реален, искрен и верен на себе. Не можеме да имаме вистински однос со Бог или со било кој друг човек ако најпрво не сме искрени со самите себе. Отфрлањето на лажната слика и надворешноста која ја создаваме за себе, а која не може да се одрази на нас е неизбежен чекор во духовниот раст.
Ако поминете време со монасите во манастирот Свето Воскресение, ќе се изненадите колку се природни. Нема лажна побожност, нема глума. Не се обидуваат да бидат монаси какви што луѓето од нив очекуваат да бидат. Тие едноставно се свои – група мажи кои се смеат и шегуваат, неизмерно го љубат Господ, кои грешат и се борат со голем број животни области и повторно секој ден стануваат и настојуваат да живеат свет живот. Искуството на нивната човечност и борба е причина за надеж. Како што вели мојот сопруг: „Гледајќи колку тие монаси се автентични и покрај своите мани и гледајќи колку и понатаму се стремат кон светоста, станувам свесен дека тоа можам да го постигнам и јас.“
Да се биде искрен кон себе и за тоа кој сум јас, ми помага да се фокусирам за да дозволам Бог да прави преку мене и за мене. Тоа ме прави многу подобра мајка: кога се обидувам да станам мајка каква што Тој ме сака, а не онаква каква што мислам дека треба да бидам.
Жртва
Навистина е важно да се запознаат животите на светците, да се чита за нив и да се спознае дека сме повикани да се предадеме и да се жртвуваме како христијани. Исто така е важно да се познаваат луѓе кои настојуваат да живеат на тој начин. Монашкиот живот е познат како „бело мачеништво“ – да се умираш себе и да живееш за Бог. Кога запознаваме христијани кои своите животи и своите сили ги полагаат за постигнување заедништво со Господ, тоа треба да ни биде поттик за да правиме исто, затоа што преку Крштението сме повикани да се умираме себе и да се облечеме во нов човек.
Пред шеснаесет години опатот Николас нѐ венча Мани и мене ставајќи ги круните на нашите глави. На исток обредот венчание претставува чин на крунисување. Свештеникот ја става круната на главата на младоженците, а круната претставува две работи: едната е улогата на цар и царица на нашето семејство, а втората е повикот на мачеништво. Кога парот еднаш е венчан, не живее повеќе за себе, туку за својот сопружник и децата.
Никогаш не очекував дека тоа ќе биде толку тешко. Го сакам моето семејство од длабочината на своето срце, но секој ден се борам да ги сакам повеќе отколку себе, да живеам за нив и да не правам во животот себични работи. Ниту малку не се сомневам дека требало да се омажам и да бидам мајка за да се здобијам со спасение. Свесна сум колку сум му важна на своето семејство (не само што им е потребна мојата грижа и љубов туку и мојот христијански пример) и тоа ми помага да ги носам малите секојдневни крстови кои родителите ги имаат, како и со љубов да ги прегрнам оние големите.
Ненаврзаност
Опатот Николас ја опишува христијанската ненаврзност како љубов едни кон други, но љубов која ја исклучува зависноста едни од други. Ќе знаеме вистински да љубиме само ако целосно престанеме да бидеме наврзани на други луѓе. Фактот дека како мајка ги гледам своите деца најпрво како деца кои му припаѓаат на Бог (не само мене), имаше големо влијание на тоа каква мајка сум сега. Како христијанка имам само прво да се молам во животите на моите деца да се оствари Божјата, а не мојата волја. Исто така, морам да соработувам со Божјата волја, да ја обликувам и да ги охрабрувам своите деца и тие да ја бараат Неговата волја, свесна дека и тие сами мора да воспостават свој однос со Бог.
Понекогаш ние мајките знаеме да бидеме премногу строги кон себе. Знаеме да се изгубиме во улогата на мајка и сопруга. Забораваме дека сме, пред што сме нечија мајка или сопруга, најпрво сме ќерка Господова. Развивањето на нашиот однос со Бог мора да биде апсолутен приоритет, но не можеме само да кажеме дека тоа е приоритет – мораме тоа навистина да го направиме приоритет. За да станеме добри мајки, најважна е секојдневната молитва, редовната света Исповед и света Причест, повремени откажувања, земајќи ги во предвид стремежите на нашата душа, а не игнорирање на истите. Не можам да бидам добра мајка без Божја помош, морам секојдневно да одам со Господ не само како мајка и сопруга, туку најпрво како Негова ќерка.
Каква мајка сакам да бидам?
Барем неколку пати годишно опат Николас во својата проповед говори за Марија како пример за секој христијанин. Често размислувам за тоа. Во Пресвета Богородица гледаме какви христијани би требало да бидеме. Таа најпрво била ќерка на Бог Отецот, подготвена да ја врши Неговата волја во текот на целиот свој живот. Била Исусова мајка: мајка која не мислела на себе и на своите желби за детето, туку го научила својот Син да ја следи Божјата волја дури и до смртта. Била сопружничка на Светиот Дух, мистично соединета со Него и го носела плодот на спасението на целиот свет.
Додека размислувам за мајчинството и за тоа каква мајка сакам да бидам, сфаќам дека не постои подобар извор на инспирација од Богородица. Не сум ниту близу до совршена мајка, но знам дека сум многу подобра отколку што би била без својата вера и без изворот на инспирацијата кој го имам во животот.
Џесика Архулета и нејзиниот сопруг живеат во близина на манастирот на монашката заедница Облати на БЕзгрешна Марија. Се преселиле за да бидат поблиску до манастирот. Семејството Архулета припаѓа на католоци од источниот обред.
Jessica Archuleta – Catholicexchange.com/к.мк