Прегратка на Папата за сиромашните и бездомниците во летото
„Со топлото време, бројот на сиромашните се зголеми и секој ден во бањите изградени до колонадата на плоштадот Свети Петар се капат околу 140 бездомници“.
Ова го изјави за Радио Ватикан архиепископот Конрад Краевски, шеф на Апостолската служба за добротворна работа и координатор на иницијативата започната во почетокот на годината.
„За милосрдието нема одмор и посветеноста кон сиромашните продолжува без прекин“, нагласува монсињор Краевски кој ја опишува работата на волонтерите, сестрите на Мајка Тереза од Калкута и Швајцарската гарда под мотото „Прегратката на Папата“ за најмалите и слаби браќа: сиромашните:
„Веќе неколку месеци – потсетува полскиот епископ – секој ден бањите се отворени од 7 до 18 часот, во средата поради Генералната аудиенција отвораат во 13 часот, а во недела за време на Ангеловиот Поздрав се затвораат за два часа. Присутните волонтери обезбедуваат хигиенски комплет на секој што ги користи услугите на бањите (пешкир, сапун и дезодоранс) и чисти алишта. Има исто така и бербери, подготвени да ги задоволат потребите на сиромашните. Секоја вечер излегуваме, бидејќи во текот на летото многу социјални кујни се затворени и затоа одиме на централната железничка станица „Термини“ или на станицата „Тибуртина“ и им раздаваме храна на бездомниците, која ја купуваме благодарение на донациите од пергаментите со папските благослови“. Храната се купува секоја недела и потоа се распределува на сиромашните. „Ние сме како прва помош на Папата, кога нѐ повикаат за итни случај ние одиме веднаш“, истакнува монсињор Краевски.
Во меѓувреме на „Виа деи Пенитенциери“, непосредно до „Виа дела Кончилиационе“ и црквата „Свети Дух во Сасија“ е речиси подготвен прифатниот дом за бездомници. Завршуват последните работи, по што зградата ќе биде отворена за сите кои имаат потреба. Ова е милосрдието според папата Фрањо: „Милосрдието не е неутрално, асептично, ладно или непристрасно, тоа заразува, воодушевува, ризикува и вовлекува. Милосрдие не е служба за социјална грижа за смирување на совеста. Не, тоа не е љубов, тоа е продавница. Љубовта е дар, таа е неповратна. Милосрдието, љубовта е избор на живот, начин на постоење: тоа е патот на смирението и солидарноста. Не постои друг пат за оваа љубов“.
РВ/В.Н.