Прва Причест во Струмица
Струмица, 26.5.2013 /к.мк/ – Во недела 26 мај во катедралната црква Успение на Пресвета Богородица – Струмица за време на светата Литургија, 35 деца од парохијата за прв пат примија Света Причест. За овој голем и важен момент од нивниот живот децата првопричесници се подготвуваа две школски години, а вчера пристапија и на светата Тајна исповед.
Пред самата света Причест првопричесниците направија обнова на крстниот завет. При обновата на крстниот завет, децата ги потврдија зборовите кои при нивното Крштение ги кажале во нивно име нивните кумови: се откажуваат од Сатаната и сите негови дела и ја потврдуваат нивната вера во Господ Исус Христос. На овој начин свечено потврдија пред целата парохиска заедница дека целиот живот ќе го поминат како вистински христијани.
На крајот од светата Литургија имаше и кратка приредба во која учествуваа младите од парохијата. Преку песни и рецитали беше искажана радоста за најмладите верници кои денес за прв пат во светата Причест се сретнаа со Господ Исус Христос. (о. Г.Т.)