Почеток на кампањата „Едно човечко семејство – храна за сите“

На 06.12.2013 во пасторалниот центар при парохијата Пресвето Срце Исусово во Скопје, Македонскиот Каритас одржа прес конференција по повод почетокот на интернационалната акција „Едно човечко семејство – храна за сите“. Имено, на повик на кардиналот Оскар Родригез Марадијага, директор на Каритас Интернационалис, започнува оваа акција во која се повикани луѓето со добра волја од целиот свет, владите и Обединетите Нации да станат чувствителни за гладните во светот и да формираат едно големо човечко семејство кое ќе застане на страна на гладните. Има доволно храна за сите луѓе во светот, затоа појавата на глад е скандал. Целта на оваа акција е до 2025 год. да се стави крај на гладта.

Монсињор Антун Циримотиќ, директор на Македонскиот Каритас, на прес конференцијата се осврна на работата и мисијата на Македонскиот Каритас, дваесет годишното делување на овие простори и помошта на луѓето во потреба. Тој ги повика сите луѓе со добра волја во Република Македонија, без разлика на верско определување или националната припадност да се приклучат на оваа кампања и на 10 декември во12 часот во своите молитви да се сетат на сите гладни луѓе во светот. Истиот ден во 19 часот, во Скопската катедрала Пресвето Срце Исусово ќе се одржи хуманитарен концерт со кој ќе започне оваа акција во Скопската парохија. На концертот ќе настапуваат: Влатко Стефановски, Виолета Томовска, дуо Скупи, хорот „Св. Злата Мегленска“, катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“, хорот „Франце Прешерн“, хорот при Заедницата на полјаците во Македонија и хорот при Здружение на руски сонародници „Чајка“. Влезот е слободен.

Е.А.

Категорија: Македонија

За авторот