„Постои прекрасен начин за да се искуси љубовта во животот: тоа е повикот за наследување на Христос“ – Иван Павле II
Повикот за наследување на Христос длабоко одекнува во секој од нас. Како што ги отвораме своите срца за навистина да го слушнеме Неговиот глас, да Го следиме Неговиот повик, Тој нѐ води по патиштата кои се над нашите очекувања, нашите фантазии.
Може да изгледа воодушевувачки што Тој посебно одредува некои да му припаѓаат потполно, безрезервно Нему. Ако тој е патот кој Тој сака да го следиш… кој е твојот одговор?
Како да знаеш дали Бог те повикува целосно да му припаѓаш Нему како посветена личност?
Господ постојано ни зборува, учествувајќи во нашиот секојдневен живот, љубејќи нѐ во конкретните ситуации со кои се соочуваме. Расудувањето е вежба за да се научи како да се препознае Неговиот глас, Неговата рака, Неговата љубов во она што го доживуваме секој ден. Тој е присутен во она што Е… не во она ние би сакале да биде, во она што мислиме дека треба да биде, туку во она што Е. Тој нѐ бара за да одвоиме време да Го слушаме, спознаваме и да одговориме со љубов. Со вежба и со помошта на духовникот и духовното водство, ќе започнеме полесно да ја препознаваме Божјата љубов кон нас во деталите на нашиот секојдневен живот и нашиот однос со него ќе се продлабочи и ќе напредува. Кога ќе научиме да Го слушаме и да кажеме ДА во малите работи, конечно на крајот ќе препознаеме дека нѐ подготвувал дa Го следиме неговото водство во големите одлуки во животот како што е нашиот повик. Те повикува ли Бог целосно да му припаѓаш нему како посветена личност? Прашај Го.
За расудување на твојот повик може да ти помогнат и следните забелешки и ставови кои вообичаено се присутни кај луѓето кои во себе го носат монашкиот повикот– повика за живот посветен на Бога.
Се чувствувам заинтересиран за сѐ што се однесува на Бог и на верата.
Можноста за посветен живот продолжува да ми се враќа во моите мисли; независно од тоа со кого се среќавам, или која работа ја работам, идејата за посветен живот продолжува да се појавува во моите мисли.
Кога ќе видам чесна сестра, размислувам како би било да станам и јас монахиња. Понекогаш се замислувам себе како живеам како сестра и го поминувам времето во молитва и дружење со останатите сестри.
Мислам дека моите таленти и дарови можат да бидат употребени за доброто на Црквата.
Чувствувам дека ме привлекува живот на молитва и служење на Бог. Молитвата, светотаинскиот живот, помагање на другите се она што ми дава длабока смисла и чувство на радост.
Живот според монашките завети на сиромаштво, чистота и послушност може да биде тежок, но не ми изгледа невозможен за мене.
Дневниот ред на молитва и активности – апостолат, кој вклучува рано станување, одредено време за молитва, медитација, работа, служење на ближните, живот во заедништво со луѓето со различни карактери и слично, можеби ќе треба некое време за привикнување, но ми изгледа прифатлив и посакуван.
Се молев за мојот животен повик да откријам како Бог ме повикува. Кога го молам Господ за расветлување на својот повик, чувствувам мир во себе, и имам впечаток како Бог да ми зборува во позитивна насока во врска со посветениот живот.
На сите нас ни е потребна помош при расудувањето, некој надвор од нашиот ум и срце за да ни помогне да го препознаеме Божјиот глас. Затоа, разговарај со свештеникот, со посветена личност, со доверлива пријателка или член на семејството.
Кармел БСЛ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк