Фрањевците од Кустодијата на Светата Земја на празникот Крштение Господово, во недела на 10 јануари, ќе можат да слават света Литургија во Каср ал-Јахуд, местото каде што, според преданието Иван Крстител го крстил Исус.
Фрањевците во Каср ал-Јахуд на бреговите на реката Јордан барем еднаш годишно одат на поклонение и тоа од 1641 година. Но, од шестдневната војна во 1967 година, местото на крштевањето на Исус е затворено за поклоници и туристи. Областа од 55 хектари е претворена во минско поле и воена зона. За кратко време, мал дел беше отворен во 2000 година по повод посетата на свети Иван Павле II, но по Втората интифада беше повторно затворен.
Во последниве години беше спроведена долготрајна операција за деминирање низ целата област Каср ал-Јахуд. Со согласност на израелските и палестинските власти, отстранети се најмалку 4.000 мини. По повеќе од 50 години црквата Свети Иван Крстител е вратена на Кустодијата на Светата Земја.
Во недела на празникот Крштение Господово, програмата организирана од Фрањевците ќе започне во 9.00 часот наутро, а поради епидемиолошките мерки, ќе учествуваат педесетина луѓе. Меѓу нив ќе бидат и конзулите на Белгија, Франција, Италија и Шпанија. По пристигнувањето на местото, ќе следува процесија и свечена света Литургија, која ќе ја предводи Кустосот на Кустодијата на Светата земја, фра Франческо Патон, а ќе сослужува и Апостолскиот делегат за Ерусалим и Палестина, Леополдо Гирели. По светата Литургија присутните ќе ходочастат на Гората на искушенијата.
Фра Ибрахим Фалтас за Радио Ватикан изјави дека утрешната прослава ќе биде голем „историски ден за Фрањевците кои никогаш не ги заборавиле Светите места, дури и кога им се одземени поради војна или други причини. Така е и со местото на крштението – рече фра Ибрахим. Тој истакна дека Фрањевците започнале да го градат манастирот откако го купиле земјиштето во 1920 година.
„Не можете да ја замислите нашата радост, радоста на сите фратри на Кустодијата на Светата Земја“ – рече тој, додавајќи дека за нив е навистина голема радост да се вратат во манастирот, кој им е толку многу драг на нивните срца, како и на сите фратри кои го дадоа својот живот за овие Свети места. Мислам дека и оние во рајот ќе бидат среќни кога ќе видат дека овој манастир е вратен на Кустодијата” – рече фра ибрахим.
Фра Ибрахим исто така го коментираше значењето на овој настан за пошироката област. „За Блискиот Исток, тоа значи дека никогаш не смееме да ја изгубиме надежта. Никој не помислуваше дека овој манастир би можел да се врати на нашата Кустодија. „Тој додаде дека е убеден дека мирот еден ден ќе завладее во Светата Земја. Затоа, треба да се работи, како што рече, со „живите камења“ во Светата Земја, односно со луѓето, давајќи им надеж и охрабрувајќи ги да останат на Светите места. Тој исто така изрази надеж дека што е можно поскоро повторно ќе им биде доверен на чувањето манастирот на Тајната вечера.
Покрај манастирот Свети Иван Крстител, кој беше вратен пред три месеци, на Кустодијата им е вратен и манастирот и училиштето во Алепо
Ватикан њуз/к.мк