Еврозија секој ден сè повеќе пројавувала голема љубов кон Пресвета Богородица и кон Нејзиниот Божествен Син. Таа целосно се предала во рацете на Спасителот и сакала во целост да ја исполнува Неговата волја. Но, нејзината љубов кон Исус уште не била исчистена, во неа имало уште нешто суетно. Божествениот Младоженец наскоро ја очистил таа љубов на Еврозија и ја упатил кон совршенство.
Светците истакнуваат дека кога Христовата љубов гори во срцето кај некој христијанин, таа има потреба од гориво, за да се разгори. Тоа гориво е ближниот. Бог сака Него да Го сакаме најмногу од сè, но сака оваа љубов да им се дава и на другите. Затоа, секоја душа, која гори од љубов кон Бога и кон Исус, сака да го запали тоа чувство и во другите, така што целиот свет да се запали од едно нежно чувство кон Творецот. Токму тоа го сака Христос кога вели во Евангелието: „Јас дојдов на земјата за да ја распалам Божјата љубов и ништо друго не сакам, освен да ја запалам таа љубов во сите срца”. Всушност Еврозија, била запалена од љубовта кон Христа која ја ширела со вистинска спасувачка предаденост. Таа секогаш си ги спомнувала зборовите на свети Винко Паолски кој вели: Божјата љубов е оган, а предаденоста е нејзиниот пламен. Ние се лажеме ако велиме дека Го сакаме Бога, а немаме предаденост за Божјата љубов која во суштина е средство. Еврозија ова го покажала кон нејзиниот љубен брат Франческо. Таа сакала и него да го запали со таа чиста љубов кон Бога која горела во нејзиното срце.
Залагањето на Еврозија
Но, тоа не било доволно за предаденоста на Еврозија. Таа сакала Бог да биде во поголем круг на луѓе. Таа ги употребувала сите можни средства за ширењето на Божјата Љубов меѓу луѓето.
Во 1885 година имала можност да ја исполни својата желба. Во тоа време парохиската црква Света Тереза имала потреба од учителка која требала да им предава катехизис на малите девојчиња. Еврозија скокала од радост кога дознала за оваа пријатна вест и веднаш се претставила кај парохискиот свештеник и се понудила на услуга. На Божјиот слуга му била позната оваа нејзина посветеност и тој го примил со големо задоволство нејзиниот предлог. Оваа посветеност на младата апостолка ѝ била позната на заедницата и штом се дознало дека таа ќе им предава катехизис на девојчињата, христијанските мајки побрзале да ги испратат своите деца. Уште од првиот ден, училницата била полна со слатки девојчиња, кои не само што ја слушале со големо внимание, туку и со големо задоволство. Еврозија со својот благ карактер и со љубовта кон ученичките, успеала да ги привлече кон себе и да ги упати кон Спасителот.
Новата активност на Еврозија некои луѓе ја осудувале на неуспех, но бројот на ученичките секој ден се зголемувал, а тоа сведочело дека учителката има големи плодови од своето големо залагање за Божјата љубов. Неуморното залагање на Еврозија, нејзината мајчинска нежност кон малите ученички, кои се натпреварувале да ја покажат својата заинтересираност за катехизисот дало плод: сите совесно ги учеле лекциите и со големо внимание го слушале објаснувањето на својата мила учителка.
Познавајќи ги човечките слабости и природната расеаност на малите ученички, вредната учителка не го пропуштала мигот да го придобие нивното внимание со интересни и поучни раскази кои им ги раскажувала на крајот од секоја лекција. Таа, возвишените вистини за верата, ги објаснувала со интересни раскази што уште повеќе се запечатувале во паметта на малите ученички. Учителката знаела и умеела да поттикне интерес со натпревар меѓу своите послушни ученички, зашто одвреме-навреме им давала икони како награда за нивната пројавена активност во изучувањето на катехизисот. Таа особено ги привлекувала кон себе поумните девојчиња, засилувајќи им ја набожноста, а истовремено имала начин како да ги развесели, радосни и задоволни да си одат кај своите родители.
Вероучителка
Нејзината најстара сестра Наталија, која имала можност да ги оцени нејзините способности како учителка по катехизис, еве како ја опишува нејзината дејност: Еврозија се залагаше многу како вероучителка и блескаше од радост, бидејќи на тој начин можеше да му служи на Божествениот Учител. Таа беше строга и бараше од ученичките не само да ги учат наизуст вистините на верата, туку сакаше уште и да ги разберат. А за да им го објасни тоа подобро, се служеше со најсоодветни методи. Посебно беше среќна кога имаше случај да подготви некое девојче за прва света Причест.
Посветеноста на Еврозија кон малите души беше за секоја пофалба. Таа се служеше со мали средства, со кои постигнуваше големи резултати. Една набожна жена ѝ дала неколку бројаници за молење, благословени од владиката. Тие убави бројаници им ги разделуваше на примерните ученички како поттик за набожна молитва. Освен тоа, сакаше да им дава христијански книги за да ги читаат дома. Книгите минуваа од рака в рака и таа правеше многу други добри дела. Се разбира, предавањето катехизис не била единствена грижа на Еврозија која била запалена од љубовта Божја. Таа сакала на своите мали ученички да им ја покаже љубовта кон Исус во пресветата Евхаристија. Особено нејзината посветеност била голема, кога девојчињата ги подготвувала за примањето на пресветата Причест. Каква стрпливост, каква мајчинска љубов пројавува таа, за да ги исчисти малите души од сите несовршености и да му ги предаде на божествениот Спасител чисти и непорочни. А таа предаденост и таа љубов на Еврозија кон Исус – Евхаристија секогаш давала изобилни плодови. А малите души, по правило по светото причестување, се разликувале од своите другарки со своето добро поведение и со предаденоста кон Божјата слава. Парохискиот свештеник, како и мајките на малите ученички, го благословувале Бога, зашто им дал еден таков ангел чувар, кој ги водел нивните души по патот на спасението. Оваа апостолска дејност на Еврозија продолжила повеќе од две години, додека на почетокот од 1888 година Бог ја насочил кон нејзиното поле за работа – мисијата во Македонија.
Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.