За продавница што продава најразлични работи, старата изрека вели дека во неа може да се најде сè, „од игла до локомотива“. Истото, за жал, може да се каже и за бескрајните интернет-страници за купување и продавање, домашни и странски, каде што понекогаш може да се најдат и мошти на светци, блаженици или Божји слуги.
Вториот ватикански собор
Говорејќи за литургиската година, во која „добрата Мајка Црква со свети спомени го слави спасителното дело на својот божествен Свршеник“, Вториот ватикански собор во Конституцијата за светата литургија Sacrosanctum Concilium нагласува дека во Црквата, според Преданието, се почитуваат светците, а се чуваат со почит и нивните веродостојни мошти и икони.
„Празниците на светците ги објавуваат чудесните Христови дела во Неговите слуги, а на верниците им ставаат пред очи соодветни примери за поттик. За празниците на светците да не добијат предност пред оние празници со кои се слават самите таинства на спасението, нека повеќето од нив се остават на чествување на поединечна Црква, народ или монашка заедница; а на целата Црква нека се прошират оние што потсетуваат на светци кои навистина имаат општо значење.“ – Sacrosanctum Concilium, 111
Законикот на канонското право
Околу дваесет години подоцна, ова учење на Црквата добило и свој правен облик во Законикот на канонското право од 1983 година. Во делот „Други богослужбени чинови“ се донесуваат и норми за почитувањето на светците, светите ликови и светите мошти.
Канон 1186 вели дека, за да го поттикнува посветувањето на Божјиот народ, Црквата им ја препорачува на верниците посебната и синовска почит кон Блажена Марија секогаш Дева, Божја Мајка, која Христос ја постави за Мајка на сите луѓе. Истовремено, Црквата го промовира вистинското и веродостојно почитување на другите светци, чиј пример ги изградува верниците, а чие застапништво ги штити.
Канон 1187 одредува дека со јавно почитување смеат да се чествуваат само оние Божји слуги што со авторитетот на Црквата се внесени во списокот на светци или блаженици.
Канон 1188 потсетува дека во црквите треба да се зачува обичајот на изложување свети ликови за почитување од страна на верниците, но тие треба да бидат изложени во умерен број и со соодветен ред, за да не се предизвика чудење кај христијанскиот народ и да не се даде повод за неправилна побожност.
Канон 1189 се однесува на обновувањето на драгоцени свети ликови, односно оние што се одликуваат со старост, уметничка вредност или посебно почитување. Ако такви ликови се изложени во цркви или капели за почитување од страна на верниците, тие никогаш не смеат да се обновуваат без писмена дозвола од месниот ординариј, кој претходно треба да се посоветува со стручњаци.
Канон 1190, § 1 е особено јасен: „Светите мошти не смеат да се продаваат.“
Понатаму, истиот канон одредува дека без дозвола од Светиот Престол не можат валидно да се отуѓат или трајно да се преместат значајни мошти, како ни оние на кои народот им искажува големо почитување. Истото правило важи и за светите ликови што народот во некоја црква особено ги почитува.
Директориум за народна побожност и литургија
Говорејќи за поимот „мошти на светците“, Директориумот за народна побожност и литургија од 2001 година се повикува на учењето на Вториот ватикански собор и ја презема дефиницијата на Тридентскиот собор.
Според Директориумот, изразот „мошти на светците“ најнапред се однесува на телата, односно на значајните делови од телата на оние што сега живеат во небесната татковина, а на земјата, преку херојска светост на животот, биле чесни членови на мистичното Христово Тело и жив храм на Светиот Дух.
Потоа, моштите можат да бидат и предмети што им припаѓале на светците, како садови, облека или ракописи, како и предмети што биле во допир со нивните тела или гробови, како масла, ленени платна или предмети поврзани со почитувани свети ликови.
Директориумот исто така нагласува дека при почитувањето на моштите во Црквата мора да се обезбеди нивната веродостојност, да се спречи претерано делење на мошти, што не е во согласност со достоинството на човечкото тело, и верниците да се предупредат да не паднат во нездрава страст за собирање мошти.
Истовремено, треба внимателно да се внимава да се спречат кражби, каков било облик на трговија и какво било суеверно изопачување.
Директориумот ги спомнува и различните облици на народна побожност кон моштите на светците: бакнување на моштите, украсување со светилки и цвеќиња, благослов со мошти, носење во процесија, како и обичајот тие да им се донесат на болните за духовно охрабрување и молитва за оздравување.
Сето тоа, сепак, треба да се врши со големо достоинство и со вистински дух на верата. Во секој случај треба да се избегнува изложување на моштите на светците врз олтарната плоча, бидејќи таа е резервирана за Телото и Крвта на Царот на мачениците.
Моштите во Црквата, веродостојност и чување
Последниот во низата црковни документи посветени на моштите на светците е документот „Моштите во Црквата: веродостојност и чување“, издаден од Конгрегацијата за прогласување на светците на 8 декември 2017 година.
Веќе во воведот се нагласува дека моштите во Црквата отсекогаш биле предмет на посебно почитување и грижа, бидејќи телата на блажениците и светците, кои го очекуваат воскресението, на земјата биле жив храм на Светиот Дух и средство на нивната светост, која Светиот Престол ја признал преку беатификација и канонизација.
Документот понатаму јасно истакнува дека се целосно забранети тргувањето со мошти, односно нивна размена за нешто друго или за пари, како и нивната продажба, односно пренесување сопственост врз мошта за договорена цена. Забрането е и нивно изложување на световни места или на места за кои не е добиено одобрение.
Да се оди кон совршенството
Затоа, како што произлегува од сите наведени документи на Црквата, тргувањето, продавањето, па и купувањето мошти е целосно и строго забрането.
Во почитувањето на светците важно е да се има на ум и на срце учењето на Црквата. Таа во текот на литургиската година го внесува споменот на мачениците и другите светци, кои преку разновидната Божја благодат достигнале совршенство и веќе го постигнале вечното спасение.
Тие на небесата Му пеат на Бога совршена песна на пофалба и се застапуваат за нас. На нивните спомени, Црквата во светците ја навестува пасхалната тајна, ги става пред очите на верниците нивните примери, кои преку Христос ги привлекуваат сите кон Отецот, и преку нивните заслуги ги прима Божјите добрини. – Sacrosanctum Concilium, 104
Моштите затоа не се предмети за трговија, колекционерство или љубопитност. Тие се свети знаци што нè упатуваат кон Христос, кон верата на светците и кон нашиот сопствен повик на светост.
Хкм/к.мк

