Порака на Папата за Јубилејот на децата и младите

Папата Фрањо испрати видео порака до илјадниците млади кои се собраа на римскиот Олимписки стадион, по повод прославата на Јубилејот на децата и младите. Тој ги повика младите да бидат милосрдни како што е Отецот и им се заблагодари за нивното присувство.

Да се биде милосрден значи да се простува. А тоа не е лесно, нели? Понекогаш се случува, во семејството, училиштето, во парохијата, во салата додека се забавуваме, некој да направи нешто што ќе не повреди; или можеби во момент на нервоза ќе навредиме некого. Немојте да останете во лутина или желба за одмазда! Тоа не служи за ништо! Тоа е како црв кој ја нагризува нашата душа и не ни дава да бидеме среќни. Да простиме! Да простиме и да заборавиме на навредата што ја примивме, за да можеме да ја разбереме Исусовата наука, да бидеме негови ученици и да го сведочиме милосрдието, истакна Папата.

Папата пораката ја заврши со аналогија блиска на собраните млади. Го спореди нивниот однос со Исус со опфатеноста со мобилна мрежа: Како што често се случува, рече Папата, да имам потреба да му се јавам на некој пријател, но не можам да го добијам, бидејќи нема мрежа. Сигурен сум дека тоа се случува и со вас: мобилниот телефон не може да не спои со некои места… Сетете се дека ако Исус не е во вашите животи, тогаш нема мобилна покриеност! Не можете да стапите во контакт со некој и се затворате. Да бидеме таму каде има мрежа! Во семејството, парохијата, училиштето, така секогаш имаме нешто добро и вистинско да му кажеме во светот.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот