Папата во Уругвај: Црквата го нуди Исус Христос и надежта на Евангелието

Папата во Уругвај: Црквата го нуди Исус Христос и надежта на Евангелието

Папата Лав XIV го започна своето апостолско патување во Јужна Америка со говор посветен на општото добро, демократијата, одговорноста кон идните генерации, грижата за човечкото достоинство и најранливите, како и мирниот соживот во различноста.

„Дојдов во Уругвај како наследник на Петар и како пастир, со желба да се сретнам со Црквата која патува во оваа земја и со љубов да му се приближам на целиот нејзин народ“, рече папата Лав XIV во петок.

Во своето прво големо обраќање за време на апостолското патување во Уругвај, Светиот Отец се осврна на Ла Редота, еден од клучните настани во историјата на земјата, за да размислува за значењето на општото добро.

Според проценките на локалните власти, околу 30.000 луѓе го пречекаа Папата долж патеката и на Плоштадот на независноста во Монтевидео.

Цитирајќи го Хосе Артигас, една од централните личности во историјата на Уругвај, Папата истакна дека власта произлегува од конкретна заедница и пред неа носи одговорност.

Јавната власт, продолжи тој, ја наоѓа смислата на своето постоење во служењето на општото добро и е повикана да дејствува во рамките на законот, почитувајќи ги слободата и одговорноста на граѓаните.

Папата ја нагласи и важноста на структурите кои овозможуваат учество во јавниот живот, ги определуваат овластувањата на институциите и обезбедуваат демократски избор на оние што управуваат.

Грижа за иднината

Светиот Отец потсети на „должноста на идните генерации да им ги пренесеме добрата што сме ги примиле“, посочувајќи ги значајните напори на Уругвај во развојот на обновливите извори на енергија.

Грижата за иднината, истакна папата Лав, подразбира и заштита на неродениот живот, внимание кон образованието на децата и почитување на човечкото достоинство на старите лица.

Папата се осврна и на луѓето кои носат „скриени товари“, како осаменоста, вознемиреноста и губењето на надежта.

Говорејќи за „болната реалност на самоубиството“, тој нагласи дека соодветната здравствена заштита, семејните врски и близината на заедницата се неразделни.

„Никој не треба да се чувствува како странец меѓу своите, ниту да мисли дека неговото отсуство е помалку важно од неговото присуство“, порача Светиот Отец.

Осврнувајќи се и на сопственото неодамнешно искуство со болеста, Папата потсети на многуте луѓе кои немаат доволно средства за навремена дијагноза или за лекувањето што им е потребно.

„Да се обезбеди здравствената заштита да биде достапна за сите, без оглед на нивните материјални можности, е должност на секое општество“, рече папата Лав.

За Црквата, додаде тој, оваа обврска произлегува од Христовиот повик да Му служиме во оние на кои најмногу им е потребна помош.

Папата нагласи дека сите имаат одговорност да придонесат секој човек да може да живее достоинствено, да ја добие потребната грижа и да биде придружуван до природниот крај на својот живот.

Во соработката со сите кои работат за ублажување на човечкото страдање, Црквата го нуди она што ѝ е својствено, надежта која не исчезнува кога човечките можности ќе ги достигнат своите граници.

Таа надеж, рече Папата, ги потсетува луѓето кои минуваат низ искушенија дека нивниот живот секогаш има смисла и вредност, дека не се сами и дека и во најтемните моменти остануваат сакани од Бога.

Мирен соживот во различноста

Папата Лав XIV се осврна и на различноста на уругвајското општество и на важноста на мирниот соживот меѓу луѓето со различно потекло, уверувања и материјални можности.

Тој нагласи дека државите имаат обврска да обезбедат „верниците и неверниците да можат да живеат заедно во почитување и слобода“.

Верската слобода, сепак, не подразбира религијата да биде ограничена само на приватната сфера.

Повикувајќи се на Вториот ватикански собор, Светиот Отец потсети дека никој не смее да биде принуден да постапува спротивно на својата совест, ниту да биде спречуван да постапува во согласност со неа, приватно или јавно, индивидуално или заедно со други, во рамките на праведниот општествен поредок.

„Врз основа на оваа слобода, поединците и верските заедници можат да придонесуваат за општото добро, почитувајќи ја автономијата на граѓанските институции“, рече Папата.

Според него, почитувањето и хармоничниот соживот треба да ги карактеризираат и односите меѓу државите.

„Истрајноста во почитувањето на законот, преговорите и трпеливото барање договори е служба што Уругвај може и понатаму да им ја нуди на своите соседи“, истакна Светиот Отец.

Папата рече дека споменикот на Артигас и историското сеќавање на Ла Редота, кои го опкружуваа местото на неговото обраќање, откриваат една трајна карактеристика на животот во Уругвај, одговорноста на секој човек за другиот, која им овозможила на повеќе генерации заедно да градат заедничка историја.

Црквата го нуди Христос и надежта на Евангелието

На крајот, папата Лав XIV потсети дека врските меѓу Светиот Престол и Уругвај датираат уште од првите години на независноста на земјата.

„Со својата повеќевековна историја на вера и служење, Црквата сака и понатаму да му го нуди на уругвајскиот народ она што самата го примила, Исус Христос и надежта навестена преку Неговото Евангелие“, рече Папата.

Тој додаде дека Црквата сака преку својата мисија да соработува со сите кои се посветени на унапредувањето на општото добро и достоинството на секој човек.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот