Порака на Папата за Светскиот ден на мигрантите и бегалците: Подобра иднина се гради заедно
Објавена е пораката на Папата за 108. Светски ден на мигрантите и бегалците што ќе се слави на 25 септември. Во неа папата Фрањо повикува на градење на иднината со помош на луѓето кои ги напуштиле своите домови во потрага по подобар живот.
Градењето иднина со мигранти и бегалци значи да се препознае и да се цени дека секој од нив може да придонесе во процесот на градење, поттикнува папата Фрањо во својата порака за 108. Светски ден на мигрантите и бегалците. Пораката се фокусира на значењето на патувањето на човештвото во потрага по нашиот вистински, небесен дом. Царството Божјо, забележува тој, е веќе присутно кај оние кои го прифатиле спасението во Исус Христос. Додека патуваме кон исполнувањето на Царството Божјо, пишува Светиот Отец, секој човек мора да се стреми кон лично преобраќање за да го преобрази нашиот свет и да му помогне да се усогласи уште поцелосно со божествениот план.
Божјиот план за мирен свет
Со тага Папата се сеќава на трагедиите кои се во тек и кои нѐ потсетуваат дека се уште сме далеку од крајната цел – новиот Ерусалим, место каде Бог пребива во човештвото. Во светлината на она што го научивме во неволјите во последно време, повикани сме да ја обновиме нашата заложба за градење иднина која е уште повеќе во согласност со Божјиот план за свет во кој секој може да живее во мир и достоинство, забележува Петровиот наследник. Папата нагласува дека можеме да напредуваме на овој пат барајќи ја „праведноста на Царството“ и прифаќајќи го „Евангелието на љубовта“ во Христовото спасение.
Никој не смее да биде исклучен
Конкретно, нагласува папата Фрањо, мора да се искорени од општеството секоја нееднаквост и дискриминација и никој да не биде исклучен. Божјиот план во неговата бит е инклузивен, забележува тој, и им дава предност на оние што живеат на егзистенцијалната периферија. Меѓу нив има многу мигранти и бегалци, раселени лица и жртви на трговија со луѓе. Тој додава дека христијаните мора да го изградат Божјото Царство заедно со оние кои се протерани од своите домови. Вклучувањето на најранливите е неопходен услов за целосно жителство во Царството Божјо, вели папата Фрањо.
Желни работници
Папата додава дека градењето иднина со мигранти и бегалци вклучува препознавање на нивната вредност и потенцијал во новите земји на живеење. Како што предвидел пророкот Исаија во визијата, странците не треба да се сметаат за освојувачи или уништувачи, туку пред се желни работници за подобро општество.
Папата понуди пример од историјата за да покаже дека мигрантите и бегалците нудат вреден извор на социјален и економски раст на нивните посвоени нации. Нивната работа, нивната младост, нивниот ентузијазам и нивната подготвеност да се жртвуваат ги збогатуваат заедниците што ги примаат. Сепак, овој придонес би можел да биде уште поголем доколку биде оптимизиран и поддржан од внимателно развиени програми и иницијативи. Има огромен потенцијал, подготвен да се искористи само доколку се укаже можност, нагласува Светиот Отец.
Придонес за културен и духовен раст
Иако претставува значаен предизвик, присуството на мигранти и бегалци е исто така одлична можност за севкупен културен и духовен раст, рече Папата. Католичките мигранти, додава тој, можат да го поттикнат црковниот живот на заедниците што ги примаат. Споделувањето на различни изрази на вера и побожност ни нуди привилегирана можност поцелосно да го доживееме католицизмот на Божјиот народ, пишува Папата.
Молитва и повик
Папата Фрањо ја завршува својата порака со тоа што ги поканува сите да ги примат своите браќа и сестри од странство и додава посебна молитва за одбележување на Светскиот ден на мигрантите и бегалците.
(неофицијален превод)
Господи, направи нè носители на надежта,
па таму каде што има темнина
да свети твојата светлина,
а каде што има малодушност,
повторно да се роди довербата во иднината.
Господи, направи нè орудија на твојата правда,
каде што има исклученост, да цвета братството,
а каде што има алчност, да расте духот на споделување.
Господи, направи нè градители на твоето Царство,
заедно со мигрантите и бегалците
и со сите што живеат на периферијата.
Господи, да научиме колку е убаво
да се живее заедно како браќа и сестри.
Амин.
Ватикан њуз/к.мк