Порака на Папата до учесниците на 19 Меѓународен конгрес за кривично право

Да се спроведува правдата не значи само да се казни злосторството, ниту да се одмазди, туку да се обнови во себе и во општеството, и да се преземе одговорност за жртвите, истакна папата Фрањо во долгата порака што ја упати до учесниците на 19 Меѓународен конгрес за кривично право, кој ќе се одржи кон крајот на август и почетокот на септември во Рио де Женеиро, како и до сите кои ќе учествуваат на третиот конгрес на Латиноамериканските здруженија за кривично право и криминологија.

Трите библиски примери: Добриот Самаријанец, Добриот разбојник и Добриот Пастир му послужија на Светиот Отец за да објасни дека управувањето со правдата е нешто повеќе од пронаоѓање на криминалецот и донесување на пресуда против него, ако таа правда не им дава простор и предност на жртвите. Правдата е, значи, пред сѐ почитување на достоинството и правото на човечкото битие, без дискриминација и со должна заштита на малцинствата, истакна меѓу другото папата Фрањо.

Светиот Отец со вообичаената точност и прецизност влезе во царството на законодавството, кое тежнее да го почитува терминот „ratio“ на законот, меѓутоа забораваат на душата. Папата подвлече три факти: Задоволство или надомест за направената штета, потоа признавање со кое човекот го изразува своето внатрешно преобраќање и покетоајан што го води до средба со милосрдието на Божјата љубов која оздравува.

Својот народ Господ малку помалку го научи дека постои потребна неразмерност помеѓу злосторството и казната, и со тоа окото или скршениот заб не се лекува, така што се удира по другото око или се крши и другиот заб. Се работи за тоа дека на жртвата им се врши правото, а не се уништува напаѓачот. Добар пример за тоа наоѓаме кај Добриот Самаријанец кој уште пред да се стави виновникот пред последиците од неговото дело, се наведна над ранетиот човек на патот и се погрижи за неговите потреби.

Таквата чувствителност е многу ретка во нашето општество, во кое според зборовите на Папата, постои размислување дека злосторствата се решени тогаш кога ќе се фати злосторникот, а се занемарува направената штета или пак, не се пружи потребно внимание на состојбата во која се наоѓа жртвата. Но, би било погрешно да се поистовети надоместувањето само со казна, и така да не се прави разлика помеѓу правдата и одмаздата, која само би го зголемила насилството, иако е институционализирана, истакна Светиот Отец.

Освен тоа – додаде Папата – зголемувањето или заострувањето на казната не би ги решило општествените проблеми, ниту би довело до намалување на стапката на криминал, а да не зборуваме за општествените последици како што се пренатрупените затвори или затворениците затечени без судска разврска…

Папата Фрањо потоа се обрати до медиумите, повикувајќи ги во своето оправдано применување на слободата на изразување да бидат докрај свесни за исправната информација, и да не создаваат узбуна или паника во општеството кога имаме вести за криминални дела. Тогаш во игра се животите и достоинството на луѓето – истакна Светиот Отец – и не смеат да се претворуваат во сензационални, често се работи и за морбидни случаи, во кои оние за кои се претпоставува дека се виновни, се осудуваат на општествена недоверба и тоа уште пред да бидат осудени или пак, за да се биде сензационално, жртвите се принудуваат јавно да го повторат доживувањето на претрпената болка.

Што се однесува до признавањето, Папата повторно истакна дека правдата треба да се спроведува, но вистинската правда, според неговите зборови, не се задоволува само со казнување на виновникот. Треба да се направи сѐ што е можно за да исправи, подобри и да се воспита човекот за да созрее, да не се обесхрабри, туку соочен со направената штета да го придвижи повторно животот и притоа да не биде притиснат од товарот на неговите неволји.

Во таа смисла библискиот пример на признавањето на Добриот разбојник на кому Исус му ветува Рај, бидејќи ја призна својата вина, истакна Папата и додаде дека казнивото дело неретко своите корени ги има во општествените и економските нееднаквости, и во мрежите на корупцијата и организираниот криминал, кои своите помагатели ги бараат помеѓу најсилните, а жртвите помеѓу најранливите. Не е доволно да се има вистински закони за да се победи злото, туку потребно е да се образуваат одговорните лица за да бидат способни за примена на тие закони, предупреди Папата.

Што се однесува до третиот елемент, покајанието кое Папата го нарече „врата на покајание“ и „привилегиран пат што води до срцето Божјо кое нас нѐ прифаќа и ни дава втора шанса“, Светиот Отец го истакна примерот на Добриот Пастир кој ја бара загубената овца. Опростувањето не ја брише и не ја намалува потребата од исправување, кое е типично за правдата – истакна Папата – и кое не само што води сметка за потребите од лично обраќање, туку оди и подалеку, настојувајќи да ги обнови односите и повторно да ги вклучи тие лица во општеството.

Не се работи за тоа да се пронајдат средства што можат да спречат, обесхрабрат и одделат од другите чинители на зли дела, туку да им помогнат да одат по патиштата на доброто. Токму поради тоа – забележа Папата – Црквата сака правда која го гради човекот и што е навистина способна да овозможи помирување.

Сето тоа се содржи во предизвикот што –според Папата – треба да се прифати за да не падне во заборав; за да постојат мерки што му овозможуваат на опростувањето да не остане само на приватен план, туку да постигне вистинска политичка и институционална димензија, создавајќи односи на урамнотежен соживот, истакна на крајот од пораката Светиот Отец.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот