Поклонение на сестрите Евхаристинки во Солун

Поклонение на сестрите Евхаристинки во Солун

На 20 април 2017 монашката заедница на сестрите Евхаристинки во организација на својата провинција „Божјо провидение“ во Македонија, беа на поклонение во црквата „Безгрешно зачнување на Блажена Девица Марија“ во Солун (Грција) каде е родена нивната заедница. Оваа средба беше обележана со гесло од зборовите на папата Фрањо: „Со благодарност да гледаме кон минатото, со голема љубов да ја живееме сегашноста, со надеж да ја прегрнеме иднината.“

Заедницата на сестрите Евхаристинки е родена на 21 април 1889 година, а поклонението во пресрет на роденденот на заедницата го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх монс. д-р Киро Стојанов, заедно со провинцијалката сестра Стефанија Георгиева и сестрите од провинцијата кои беа во можност да дојдат на ова поклонение, а на ова поклонение им се придружи и врховната поглаварка чесната мајка сестра Максимилијана Пројкова од Бугарија.

Поклонениците во Солун наидоа на отворени врати и гостопримство на живата Црква и оците Лазаристи. По освежувањето на самиот почеток следеше побожноста на Крстниот пат, а како вовед во оваа побожност сестра Татјана Атанасова прочита извадок каде се опишува вдахновението од Светиот Дух за раѓањето на заедницата на сестрите Евхаристинки на ден Велики Четврток 21 април 1889 година кое го добил основачот на заедницата свештеникот отец лазарист Јосиф Алоати и тоа за време на четвртата постојка од Крстниот пат. Бидејќи сестрите за прв пат во историјата на својата мала заедница го организираат ова поклониение на провинцијата, особено се задржаа во молитва и во благодарност во размислувањето на четвртата постојка на Крстниот пат и тоа на местото на раѓањето на нивната заедница.

Потоа следуваше средба и работилница за сестрите со тема преземена од геслото на поклонението „Со благодарност да гледаме кон минатото, со голема љубов да ја живееме сегашноста, со надеж да ја прегрнеме иднината.“ Сестрите во неколку мали групи размислуваа и споделуваа искуства со поглед кон раѓањето на харизмата на сестрите Евхаристинки, живеењето на сегашноста и погледот кон иднината. Исто така по работата во групите, претставниците на групите разменуваа искуства и размсилувања, а потоа следеше катехеза од дон Давор Топиќ.

По пладневните средби, заедништвото беше продолжено со ручек на семејната трпеза, а потоа сестрите се упатија кон крајбрежјето и бродско пристаниште каде пред 127 година со брод од Италија пристигнала соосновачката на заедницата на сестрите Евхаристинки сестра Еврозија Алоати која му е родена сестра на отец Јосиф Алоати.

Во попладневните часови сестрите во црквата „Безгрешно зачнување на Блажена Девица Марија“ пред четвртата постојка на Крстниот пат молеа Света Бројаница за својата заедница, а потоа беше славена света Литургија која ја предводеше бискупот Киро Стојанов. Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече:

„Дојдовме на поклонение на местото „каде Бог ја допре земјата“. Имено, секогаш кога Бог создава големи дела, го прави тоа на чудесен начин, преку луѓето. Најпрво си избира соработник и тогаш на неочекуван и таинствен начин ја „вознемирува“ таа избрана личност сè додека не го препознае и исполни Божјиот план. Релативно, нам ни е лесно тоа подоцна да го препознаеме. Ако е Божјо дело останува, ако е само човечко, пропаѓа. Вашата присутност овде е, и после 128 години, доказ дека овде на оваа место се објави Божјиот план, Божјиот нацрт. Основателот, о. Јосиф Алоати, на оваа место прими вдахновение од Бога да ја основи вашата Конгрегација – Општество. Средбата беше необична – како и секогаш кога Бог интервенира. Не е наредба, туку вдахновение. Но, едно е сигурно: Сакаше да ја исполни Божјата волја и да го прослави Бога. Не се откажал,туку се дал на размислување и дејствување со силна и долготрајна молитва. Молитвата била „орање на нивата“ за засадување на новиот живот. Кој ќе ја обработува таа „нова нива“? Тој не може сам. Ја повикува својата сестра, побожна и целосно предана на Бога. Таа? Сепак, не се одѕвала веднаш. Отишла на советување со Бога во молитва и со луѓето, односно со свети Иван Боско. Зарем корените на вашата заедница не се најдоа под моќната заштита на свети Иван Боско? Не знам, сепак, таа околност ми е мила, токму од тука започнува посеаното семе на вашата Конгрегација Сестри Евхаристинки која силно и нагло се развива“.

„Драги сестри, од тие факти, имено, од Салата на последната вечера и од Голгота, треба да ја гледате својата харизма. Во таа харизма битна е присутноста на Марија – „Мајка на евхаристијата“, како тоа го рече свети Иван Павле II. Нема Евхаристија без Марија. Не е ли таа Божја порака од Четвртата постојка на Крстниот пат“.

За време на литургијата, сестрите ги обновија своите монашки завети. Чесната Мајка с. Максимилијана заблагодари на организацијата како и на бискупот Стојанов за поддршката, исто така искажувајќи ја својата поврзаност со отците лазаристи, охрабрувајќи ги сестрите посеаното семе да донесе плод во животите на сите.

По еден ден изминат во молитва и заедништво сестрите се упатија назад во Македонија, охрабрени од присутноста на Воскреснатиот Господ чија светлина низ 128 години го осветлува животот на заедницата на сестрите Евхаристинки.

повеќе фотографии

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот