Една сопруга и мајка напиша охрабрувачко писмо до непознатата пријателка, која пак нè контактираше на порталот, бидејќи нејзиниот сопруг е зависник и таа тешко се справува со тоа. Побаравме од неа да го сподели своето писмо јавно, со своето сведочење за борбата за сопругот, со цел да ги охрабри другите ранети жени кои страдаат во брачниот живот. Еве го нејзиното писмо.
Писмо до непознатата сопруга
(За сите жени кои страдаат во нивниот брак)
Драга сестро во Христа,
Болката што извира од твоите редови додека пишуваш за сопругот, чие срце е во оковите на гревот и злото, ме погоди длабоко во сржта. Ако некој може да те разбере, тоа сум јас – верувај ми, знам колку е крваво тешко да се живее со човек со кога треба да се бориш, наместо да се бориш заедно со него против злото и тежината на овој свет. Мојот сопруг има проблем со алкохол, дрога, коцкање и видео игри – многу зла му се случија на нашето семејство и верувам дека не мора да ти ја опишам семејната атмосфера што се создаде.
Сама знаеш сè. Толку плачење, недоразбирање, нервоза, напнатост, исчекување и страв. Толку многу подеми и падови, манипулации, маски и лажни ветувања. Толку многу долгови, продадени и скршени работи, уништени сеќавања. Срам. Сосема те разбирам кога ќе речеш дека не можеш да водиш љубов со човек од кој ти се гади, кој повеќе би сакала да го нема. И тие чувства ми се добро познати. Колку пати во непроспиените ноќи само сум се понадевала дека мојот сопруг воопшто нема да се врати дома и дека конечно ќе можам да започнам да живеам нормално со моето дете.
Знам дека бараш „рецепт“. Сè ќе дадеш само некој да ти каже што треба да направиш. Што е исправно да се направи? И, подготвена си да го направиш она што е исправно, без разлика колку ќе те чини. Збунета си и не знаеш каде и како да продолжиш. И јас залудно барав „рецепт“, сакав толку очајно да знам што бара Бог од мене.
Светот велеше дека морам да бидам одговорна и да си заминам, но чувство на болка и вина се формираше во мене од самата помисла за заминување. Затоа што, и покрај сите лоши работи, мојот сопруг во неговите „светли“ денови имаше толку многу грижа на совест, толку многу пати липаше и го стискаше крстот во раката и му се молеше на Бога да му помогне. Тој, неколку пати, се обиде да се самоубие, затоа што не можеше да ја поднесе болката што ја чувствуваше, не можеше ниту да ја издржи болката што ни ја нанесуваше. Но залудно. Злото секогаш беше посилно од него и секој пат отпочеток се предаваше на искушението.
Отпрвин верував дека можам да му помогнам, дека сум тука за да му помогнам, но на крајот изгубив верба. Решив конечно и дефинитивно да заминам затоа што цврсто и длабоко верував дека морав да го сторам тоа за себе, за детето и, на крајот на краиштата, за него. Мојот последен обид да му помогнам пред да заминам беше да одиме на духовна обнова кај свештеникот Судец на Крк. Веќе бев толку уморна и обесхрабрена што дури и не очекував чудо – си реков себеси: „Па, добро, пробавме сè, ќе го пробаме уште ова и тогаш е доста. Јас направив доволно и дадов доволно“.
Верувам дека Бог секому во животот му испраќа милостив момент на обраќање. Во моментот кога ќе сфатиш дека мора да му дадеш повеќе на Бога и на ближниот од она што е „доволно“. И мојот сопруг и јас веруваме во Бог, ние сме католици, но никогаш не го почувствувавме живиот Бог. Јас го имав тој момент на благодат три месеци пред да одам на духовната обнова – за време на една Литургија и чествување почувствував дека живиот Бог е во црквата и ги излеав сите солзи на овој свет пред Него, и Тој ми возврати со толку многу мир и радост. Му се молев само за една работа: мојот сопруг да го почувствува Божјото присуство и да се излекува еден ден.
Духовнa обновa траеше три дена и во тие три дена Бог јасно и недвосмислено ни кажа дека е со нас и дека сме непроценливи за Него. Тој ни ги отвори очите и ни покажа кој е нашиот вистински непријател. Мојот сопруг се исповеда кај еден свештеник кој имал дарба на спознание и тој самиот му ги кажал сите негови гревови. Тој додаде дека сопругот не е виновен за неговите пороци. Тој му рекол дека алкохоличари биле и неговиот татко и неговите браќа и неговиот дедо и многу други од семејството на сопругот, што е навистина точно – сите имаат голем проблем со алкохолот. Сите вечно се скарани. Тој му рекол дека причина за сè е непростувањето и горчина кои со генерации го јадат семејството. Затоа, ѓаволот ги погодува сите на едно исто место, каде што се најслаби.
Сопругот доби и помазание на болните и тогаш навистина го искуси живиот Бог, го почувствува неговото присуство, чувствувал дека Бог го лекува. Сепак, нашето патување штотуку започна. Многу прекрасни работи и знаци, толку многу чуда, се случија на духовнaта обновa. Тие не можат да се сумираат во цела книга. Бог само сакаше да ни даде знак дека Тој е тука, дека ќе биде крваво и тешко, но дека Тој ќе нè следи на секој чекор од патот.
И бидејќи Бог ја познава нашата душа подобро од нас, Тој знаеше колку ми е потребна утеха. Колку ќе ми биде потребна за тешките периоди што ќе следуваат. За време на причестувањето, девојката која што седеше зад мене, девојка од околу 16-18 години, која никогаш не сум ја видела во животот и која никогаш не ме видела во нејзиниот живот, го допре моето рамо и ми ги кажа следниве зборови: „Госпоѓо, само сакав да Ти кажам дека Исус Ти порачува дека не сте виновни за ништо, простувајте си себеси секој ден и сакајте го сопругот безусловно. Твојата љубов ќе го излечи. Исус ќе го излечи“. Не можам да го опишам изливот на солзи што потекоа од мене и чувството на мир што следуваше по Божјата утеха.
Девојчето имаше дар на пророштво, дар што Бог им го дава на поединците за да му ја откријат на светот Неговата волја и, пред сè, да им даде на луѓето утеха преку нив. Интересно е што девет месеци пред тоа направив поклонение во богородично светилиште со само една молба до Пресвета Богородица: да ми го покаже вистинскиот пат, да ми открие што очекува Бог од мене и што е исправно. Со жулави и растреперени нозе од целодневниот од до светилиштето, клекнав пред статуата на Пресвета Богородица и горко заплакав, молејќи: „Моја Богородице, ако навистина не сакаш да го излекуваш мојот сопруг после сите овие години молитва, ако навистина мислиш дека овој крст никогаш не треба да ме одмине, барем кажи ми што да правам. Само сакам да го направам она што е исправно и она што го сака Господ. Не знам дали треба да го напуштам сопругот или не. Те молам, те молам, те молам, без разлика колку чини и боли, само кажи ми и покажи ми што треба да направам “.
Верувам дека Богородица ми одговори на мојата молитва преку зборовите на девојчето на Крк.
Помина скоро една година од тогаш. Богородица ни помогна уште многу пати и правеше чуда пред нашите очи. Ова се сведоштва за мене и можам да напишам книга за нив. На почетокот сопругот толку го носеше Светиот Дух, беше непрепознатлив. Толку многу љубов, вера, молитва, добри дела.
За жал, после еден месец искушението беше премногу силно и тој започна по стариот пат. Знаев дека ќе дојде тој момент затоа што Бог не испрати зборови на утеха залудно. Тој знаеше каква Голгота сè уште ме чека и Тој знаеше дека Неговото ветување ќе ме држи, дека ќе ми даде вера и надеж. Тој знаеше дека ниту мојот сопруг, ниту јас, сепак, не сме подготвени за заздравување и дека тој сè уште треба да нè теши, сè додека не се научивме на вистинско смирение. Сепак, не можам да кажам дека сега сè е исто.
Проблемите се исти, но јас и мојот сопруг сме различни. Знам против кого се борам. Јас не се борам против мојот сопруг, туку против сатаната, и тоа гради во гради. Ѓаволот е тој што го уништи семејството на мојот сопруг, кој ги водеше неговиот дедо, татко и браќа на патот на пропаста, кој го напаѓа мојот сопруг, тоа прекрасно Божјо дете, од ден на ден. Искушението е најголемо кога треба да оди на исповед, на причест, на Литургија. Застрашувачки е што сè се испречува на патот тогаш. Какви ли само страшни искушенија доаѓаат. Бидејќи Сатаната многу добро знае што се случува на Литургијата. Секојпат на Литургијата, маж ми чувствува толку силна болка во рамото, истата болка што ја почувствува на Крк кога чувствуваше дека Бог го лекува. Тој чувствува дека живиот Бог му излева сила и му дава мир.
Во ноември, тој конечно одлучи да оди во комуна (заедница). Таму издржа само десет дена и се врати. И тоа е приказна за себе. Сепак, не се обесхрабривме и продолживме да се бориме. Тој во моментов оди на терапија и чека да биде примен во центар за рехабилитација. Борбата е многу тешка. Ударите на злобниот се подмолни и лукави. Секогаш удира онаму каде што сте најслаби. Мене на суета и помислата дека сум подобра од мојот сопруг, а него на слабоста пред пороците и помислата дека тој не вреди ништо и дека тој заслужува само смрт.
Не можам да кажам дека е лесно да се спознае дека не е сопругот против кој се борам. Секој ден повторно почнувам да се борам против моите искушенија и го замолувам Исус да ми даде сила и да ми покаже како тоа НЕИЗМЕРНО СЕ САКА некој кој го изнесува од дома последното парче леб и те остава гладен, а потоа те нарекува со навредливи имиња.
Во право си кога велиш: „Како да водиш љубов со некој што не можеш да го поднесеш?“ Ние навистина не можеме да го сториме тоа. Не можам да сакам еден таков човек. Ниту можеш ти. НО, ИСУС ВО ТЕБЕ МОЖЕ. Исус го сака твојот сопруг сега и во овој момент, тој го сака и покрај тоа што тој изговара пцовки и вика, иако нема љубов кон оние што треба да бидат негови најмили, иако тој би дал сè за екипата и забавата, а ништо за неговиот дом. Исус го сака таков и сака да го спаси од вилиците на ѓаволот. И јас длабоко верувам дека Тој може да го стори тоа. Тој ти дал толку тежок крст, затоа што верува дека можеш да го носиш.
Како што вели мислата: „Бог им дава најтешки битки на најхрабрите борци.“ Не плаши се. Исус знае дека можеш тоа да го понесеш и поднесеш, но не сама, туку заедно со Него. Нашиот Севишен е со тебе во секој од твоите крстови и те потикува да одиш на патот на светоста. Имаш право, би било толку убаво да си заминеш, или уште подобро, да не постои грижа на совест – би било толку убаво да го нема твојот сопругот и да можеш да водиш нормален семеен живот, за да можеш конечно да ја почувствуваш топлината на семејното гнездо. Но, Бог не сака ние да избегаме од крстот, тој сака да го прифатиме како што тоа го направи Исус. Бог сака да тргнеш по патот на светоста и од љубов кон сопругот и кон Него, да го носиш оној горчлив крст кој ти е натоварен на грб без прашање. Запомни, злото никогаш не е од Бога. Злото во твоето семејство е резултат на делувањето на сатаната. Но, Бог понекогаш дозволува лошо за да не се залажуваме во нашите медиокритети и така Тој нè обликува и нè прави свети. Затоа, биди горда пред сè што носиш таков голем крст за Исус и секогаш имај цврста вера дека Бог пред сè сака да се прослави во твојот живот и во животот на твојот сопруг.
Како што реков, јас немам точен рецепт. Освен тоа, треба да го молиме Бога за благодат, да ти даде доволно љубов затоа што не можеш да ја најдеш љубовта сама. Нашиот Небесен Отец работи на безброј различни начини. Можеби ќе побара од тебе привремено да се дистанцираш од твојот сопруг, да продолжиш да се молиш и да правиш жртви за него, но да му кажеш дека ќе те изгуби ако не стори нешто. Можеби ќе Го бара токму спротивното, да останеш покрај твојот сопруг и на некој друг начин да го кренеш од калта, по патеки кои му се познати само на Бога.
Не можам да ти дадам точен рецепт затоа што патиштата на Господ се навистина неразбирливи, затоа моли му се на Бога да ти даде благодат да знаеш точно по кој пат мора да одиш. Едно е сигурно: натприродна љубов е потребна за твојот сопруг да се излечи и јас верувам дека Бог сака да му ја даде преку тебе, затоа што Бог работи преку луѓето. Тој те избра за возвишената задача, да преобразиш една несреќна душа, која не може да ја поднесе испразноста и злото на овој свет и која го бара одговорот на погрешно место. Злото што го доживуваме во текот на животот може толку да го зацврсти срцето и да создаде тежок оклоп околу него. Моли се да се скрши оклопот и твојот сопруг да заплаче.
Кога ти е најтешко, сигурно ќе ти биде тешко, отвори ја Библијата. Безброј пати Бог ќе те утеши преку своето живо Слово. Во моменти на празнина, обиди се да си повторуваш молитва што најмногу ти одговара (на пример, мене многу ми помага молитвата: „Господи Исусе Христе, направи ги нашите срца според твоето срце“). Обиди се да слушаш духовни песни што е можно почесто. Можеби оние што го допираат твојот сопруг. Ако имате можност, одете на некоја духовна обнова заедно со сопругот, ако успееш да го убедиш: Не знам која е најблизу до тебе, но има толку многу прекрасни духовни обнови каде се случуваат вистински обраќања и чуда. Не мора да значи дека ќе има ефект врз твојот сопруг, но сигурна сум дека тоа ќе ти даде сила да продолжиш понатаму.
Остани храбра, затоа што навистина си храбра! И биди горда на себе, затоа што, и покрај сè, беше толку несебична и подготвена да проголташ толку многу. Уште еднаш, не можам да те советувам за конкретни чекори – да заминеш или да останеш, да дадеш ултиматум или не. Но, можам да ти кажам за она во што сум сигурна: дека Тој, драгиот Бог, те сака и дека Тој ти ја доверил тебе, на својата миленичка, оваа многу измачена и несреќна душа и дека преку твојот живот и животот на твојот сопруг Тој сака да се прослави! Како што еднаш рече отец Глоготиќ: „Светците не живеат денес во манастири. Светците се на најнеобични места. Одете во заедницата Џенаколо и ќе запознаете вистински светци “.
Би сакала да ти дадам верба и сила, затоа што толку многу сочувствувам со твојата болка. Ме теши тоа што знам дека Бог е со тебе и секогаш ќе биде тука за да ти ги избрише солзите и да те прегрне. Моли го да ти даде благодат да ја почувствуваш Неговата утеха и блискост, и покрај празнината што те угнетува. Се надевам дека моето сведочење ти помогна барем малку, и верувам дека еден ден и ние ќе пишуваме редови од нашите сопствени завршени сведоштва за тоа како Бог се прослави во нашите животи. Дотогаш, Божјиот благослов нека те придружува, нека ти даде сила за тешката и горчлива борба против најголемиот непријател на човечките души и нека го ослободи твоето семејство од злото!
Те поздравувам многу, се молам за тебе и ти праќам сестринска прегратка, твоја сестра во болката и крстот, но и во радоста на спасението.
Анонимна
Жена врсна/Кате. М/к.мк