Петралинци: Крстен пат на отворено
Петралинци, 30.4.2013 /к.мк/ – Во дворот на Католичката црква Свети Кирил и Методиј – Петралинци во понеделник 29 април се молеше Крстен пат на отворено, на кој присуствуваа голем број верници од парохијата.
Оваа година молитвата Крстен пат започна во парохиската црква, а потоа низ целиот двор се молеше на однапред поставените икони и се пееше од постојка до постојка, за да на крајот заврши повторно во црквата.
На крајот од Крстниот пат о. Гоце Костов, во својата кратка проповед истакна дека можеби денес некој не исмејува и нас поради тоа што на овој начин го молиме Христос. Но тоа е патот по кој треба да помине секој христијанин. Пат на понижување, на страдање и исмејување. При тоа истакна дека христијанската љубов не смее да олади, дека треба да ја искажеме љубовта Христова кон сите, па и кон оние кои можеби не понижуваат и исмејуваат. Љубовта Христова е бесплатен дар, бидејќи и ние сме слаби, грешни, а Бог сепак не љуби и ни простува. Токму таа бесплатна љубов која ја примаме од Христос, Бог не повикува да ја пренесеме и да ја посведочиме пред луѓето. А кој ќе издржи до крај, во љубовта, тој ќе се спаси.
Крстен пат на отворено во парохијата Свети Кирил и Методиј – Петралинци се организира со години наназад во Страсната седмица од страна на младите од парохијата.
Д.И.