Паролин: Мирот е незаменлив приоритет за папата Фрањо

Паролин: Мирот е незаменлив приоритет за папата Фрањо

„Мирот е јасен и незаменлив приоритет, како за папата Фрањо, така лично и за мене,“ во историскиот момент како сегашниот, кога гледаме „засилување на тензиите и конфликтите во различни делови на светот.“

Тоа го истакна државниот секретар кардинал Пиетро Паролин во интервју за дневниот весник „Кориера дела сера,“ пред претстојната посета на Русија, од 20 до 24 август 2017 година.

Одговарајќи на прашањата, поставени од ватиканистот Џан Гвидо Веки, кардинал Паролин објаснува дека „посетата беше разгледувана веќе извесно време и ако не се случи нешто непредвидено, програмата предвидува и средба со претседателот на Руската Федерација и со патријархот Кирил.

Зборувајќи за причините за посетата, кардиналот истакна дека Светиот Престол има „посебен интерес за огромната Источна Европа, која освен што може да се пофали со богатите културни и религиозни традиции, мора да има улога и во барањето за поголема стабилност и за поголемо единство на континентот. После периодот на идеолошки противења и нови сценарија, што се појавија по завршувањето на студента војна, важно е да се поттикне взаемното почитување, дијалогот и соработката, со цел да се промовира мирот.“ Кардинал Паролин истакнува дека таквата перспектива, по посетата на другите земји во регионот, Белорусија и во реонот на Кавказ, во балтичките земји и Украина, посетата на Русија претставува можност за „дополнување на сликата“, за да се покаже „духовната близина на Папата до локалната католичка заедница“ и да се сретне со „највисоките позиции во Русија, за да се разговара на теми од билатерален и меѓународен интерес, за да не се заборават контактите на екуменското ниво.“

На прашање за темите на кои ќе биде разговарано со претседателот Путин, кардиналот истакнува дека „Црквата не престанува да упатува апел до сите политички лидери на планетата да не ги поставуваат националните или личните интереси пред општото добро, почитувајќи го меѓународното право – не законот на моќта, и моќта на правото. Методот секогаш треба да биде дијалогот.“

На прашањето за состојбата со насилството на Блискиот Исток, Сирија и Украина, кардинал Паролин истакна дека секој „конфликт во светот е предмет на постојано внимание и загриженост од страна на Светиот Престол. За тоа зборуваат многубројните изјави на Светиот Отец и иницијативите, кои Светиот Престол се обидува да ги направи. Оттука неопходноста и итноста за барањето на мирот, како и начините какo да се направи тоа, несомнено ќе бидат една од главните теми за разговор со рускиот шеф на државата.

Зборувајќи на темата за растечките тензии помеѓу Русија и САД, државниот секретар изразува надеж, дека и „двете страни ќе успеат да дејствуваат со соодветна одговорност, за да се избегне зголемување на тензиите, подготвени и да ги признаат евентуалните грешки кои jа предизвикaa таквата ситуација. Кардиналот предупредува, дека „ако не се направи ништо по оваа прашање, односите можат да се влошат уште повеќе. Важна е и улогата на Црквата“, додава кардинал Паролин, „како и на граѓанското општество, за да се поттикнат секакви иницијативи за подобрување на општата клима.

За средбата со патријархот Кирил, кардинал Паролин објаснува дека „кога ќе отиде во Москва како соработник на папата Фрањо, ќе го однесе неговиот искрен и братски поздрав на патријархот на Руската православна црква. Средбата исто така ќе обезбеди можност за да се разгледа односот меѓу Црквите, како и односот помеѓу црквата и општеството, во врска со големите духовни, културни и политички теми на сегашноста.“ Впрочем, „важно е да се бараат позитивни и отворени начини, за да се одржуваат меѓуверските односи и да се придонесе за конструктивно, од страна на Црквите, решавање на сложените проблеми, кои го загрижуваат и предизвикуваат човештвото,“ дополнува кардиналот, кој смета дека „средбата може да послужи за подобро запознавање, взаемно почитување и соработка помеѓу католиците и православните.“

На прашањето за можноста папата Фрањо да ја посети Русија, кардинал Паролин вели дека „од целите за мојата посета е исклучена подготовката за евентуална посета на Папата на Русија.“ Кардинал Паролин сепак посакува да даде „со Божја помош извесен придонес и во таа насока.“

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот