Папата ја посети руската амбасада во Светиот Престол и изрази загриженост поради војната во Украина
Папата Фрањо во петок напладне 25 февруари 2022 година се упати во Амбасадата на Руската Федерација во Светиот Престол, која се наоѓа во Via della Conciliazione и таму се задржа повеќе од половина час.
Сакајќи да изрази загриженост за војната во Украина, папата Фрањо околу пладне се упати во Амбасадата на Руската Федерација во Светиот Престол, на чие чело е амбасадорот Александар Авдеев. Папата се задржа во зградата повеќе од половина час, потврди директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни.
Папата внимателно го следи развојот на ситуацијата во Источна Европа и повеќе пати повика на мир и дијалог. Последен таков повик беше оваа среда на Генералната аудиенција кога изрази голема болка и повика 2 март, Пепелница, да биде ден на молитва и пост за мир. „Би сакал да апелирам до оние кои имаат политичка одговорност да направат сериозен испит на совеста пред Бога, кој е Бог на мирот, а не на војната, Отец на сите, а не само на некој, кој сака да бидеме браќа, а не непријатели“ – рече во таа прилика папата Фрањо. Само еден ден подоцна Украина беше нападната.
Во тој „најтемен час“ за земјата, државниот секретар кардинал Пиетро Паролин потсети на итниот апел на Папата, додавајќи дека „сè уште има време за добра волја, сè уште има простор за преговори, сè уште има простор да се употреби мудроста, која спречува да преовладуваат сопствените интереси на вклучените страни, ги штити легитимните стремежи на сите и го спасува светот од лудилото и ужасот на војната.
Ватикан њуз/к.мк