Папата Фрањо упати порака до учесниците на 4. средба на Католичката црква во Амазонија и поттикна на храброст, смелост и отвореност за Божјото дејствување и вдахновение.
Во пораката со охрабрување до локалните претставници на Црквата во Амазон, папата Фрањо рече дека неговото срце е „полно со радост и надеж“, гледајќи ги христијанските заедници во тоа подрачје како работат заедно за да и помогнат на Црквата да добие „ново лице со амазонски карактеристики“.
Тој потсети на првата средба на Католичката црква во Амазон, одржана пред 50 години во истиот град Сантарем, во северен Бразил. Таа средба, истакна Папата, ја постави локалната Црква на патот за „мисионерската евангелизација“ и ја исполни желбата да „формира силна црковна свест“. Средбата, исто така, помогна во 2019 година да се отвори патот за Епископската синода за Амазонија.
Во пораката, Папата ја пофали Црквата во Бразил за нејзините напори да биде со оние во амазонскиот базен.
Се радувам на заложбата на партикуларните Цркви на бразилска Амазонија, што преку нивните заедници, се стремат да одат напред според показателите на последното Синодално собрание, сведочејќи, преку длабоко вкоренетата и убава традиција на локалните црковни средби, за искуството на синодалноста – како израз на заедништвото, учеството и посланието, на што е повикана целата Црква, напиша Светиот Отец.
Папата рече дека бразилските бискупи Синодата во 2019 година ја исполниле со „виталност, сила и надеж“.
Папата Фрањо, исто така, ја охрабри Црквата во Бразил да биде „храбра и одважна“ и отворена за Божјото дејствување и вдахновение. „Бог ни се дарува самиот себе“, рече Папата, „и нè вдахновува со својот Дух да го навестуваме Евангелието со нова посветеност и да размислуваме за убавината на создаденото, што е уште побујно во овие амазонски земји, каде што го доживуваме сјајното присуство на Воскреснатиот Господ“.
Светиот Отец ја заврши пораката, доверувајќи ја локалната црква на Пресвета Богородица од Назарет, царица на Амазонија, која, како што рече, „никогаш не нѐ остава во нашите најтемни моменти“.
Ватикан њуз/к.мк