Папата Фрањо ќе се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур

Папата Фрањо ја прифати поканата да го посети Европскиот парламент во Стразбур и да има обраќање на свечената седница. Тоа го потврди директорот на Ватиканската прес служба, отец Федерико Ломбарди по соопштението на претседателот на собранието Мартин Шулц. Утврдениот датум за посетата на Папата е 25 ноември, како продолжение на работата по утврдената програма. Отец Ломбарди прецизира дека официјално, посетата нема да биде на Франција, туку на Европарламентот, што сепак не исклучува прифаќање на други покани од Франција.

Мартин Шулц упати официјална покана до Папата да го посети Европскиот парламент за време на неговата посета на 11 октомври 2013 на Ватикан. По аудиенцијата со папата Фрањо, Шулц за Радио Ватикан изјави:

„Денес живееме во еден глобализиран свет во кој улогата на ЕУ треба да е стимулативна за постигнување на поголема праведност и соработка и да биде средство за градење на еден поправеден свет. Местото за дискусии за сето ова е Европскиот парламент. Светиот Престол и Папата имаат огромно влијание врз меѓународните дебати за промените кои ни се потребни. Токму затоа, човек со такво влијание и важност треба да земе збор во овој контекст во кој се дискутира улогата на Европа во светот. Тоа се зборовите со кои што се обидував да го убедам, за да се искаже пред Европскиот парламент “.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот