Папата Фрањо: Христос и Црквата се неразделни
Не може да се разбере Исус без Неговата Мајка и не може да се одвои Христос од Црквата – истакна Папата во проповедта на 1 јануари на светата Литургија служена во ватиканската базилика на празникот на Блажена Дева Марија Богородица, а воедно и 48 Светски ден на мирот. Папата нагласи дека Црквата како Марија е повикана на сите да го искажува своето мајчинство и повика на борба против секој вид на ропство, потсетувајќи на зборовите на свети Павле во Посланието до Галатјаните: не сте повеќе робови, туку браќа.
„Ниедно друго создание не го доживеало сјајот на Божјото лице како Марија која му дала човечко лице на вечното Слово“, рече Папата, истакнувајќи: „помеѓу Исус и Марија постои најсилна поврзаност, како и помеѓу секое дете и мајка“, но, уште повеќе од тоа, „Христос и Марија се нераздвојни. Марија толку е блиску соединета со Исус, бидејќи од Него примила познавање на срцата, спознание на верата, хранење на мајчинското искуство и блиска врска со Својот Син.“
Пресветата Девица е жена на верата која во своето срце подготвувала место за Бог; го прифатила дарот на Синот Кој дошол кога се исполни времето и преку Кого Бог лично влезе во историјата на спасението. Заради тоа Исус не може да се сфати без Неговата Мајка, објасни Светиот Отец.
„Исто така се нераздвојни Христос и Црквата“, продолжи Папата бидејќи Црквата и Марија одат секогаш заедно во таинството на заедница. Затоа не може да се сфати Исусовото дело за спасение без размислување за мајчинството на Црквата.“ Да го разделиш Исус од Црквата би значело да воведеш „апсурдна поделба, како што напиша блажен Павле VI. Не е можно да го љубиш Христос, а да не ја љубиш Црквата, да го слушаш Христос, а да не ја слушаш Црквата, да припаѓаш на Христос, а да бидеш надвор од Црквата“, бидејќи Црквата е всушност таа која го донесува Христос, нагласи папата Фрањо.
„Нашата вера не е апстрактна или филозофска наука, туку живот и исполнет однос со една личност: Исус Христос,“ продолжи Папата. „Каде пак Исус можеме да го сретнеме? Го среќаваме во нашата Света Мајка Црква, хиерархиска. Црквата денес говори: Еве Го Јагнето Божјо; Црквата Го навестува; во Црквата Исус продолжува да ги искажува своите благодатни знаци, т.е. светите Тајни. Со тоа делување и послание Црквата го искажува нејзиното мајчинство, рече Светиот Отец и предупреди:
„Ниедно покажување на Христа, дури ниту она најтаинственото никогаш не може да се одвои од телото и крвта на Црквата, од историската конкретност на Христовото тело. Без Црквата, Исус Христос се сведува на една идеја, морално чувство. Без Црквата нашиот однос со Христос би бил на милоста на нашата имагинација, нашите толкувања, нашите расположенија“, истакна Папата. „Да гледаме на Марија, да гледаме на света Богородица“, завршувајќи и свртувајќи се кон статуата на Блажена Дева Марија покрај олтарот и потсетувајќи дека „храбриот народ во Ефес“ кои расправаат околу догмата на Марија како Мајка Божја пред своите епископи влегувајќи во црквата викале „Света Богородице!“
„Велат – не знам дали е вистина – дека некои меѓу тој народ имале и стапови во рацете можеби за да појаснат на епископите што ќе им се случи ако немаат храброст да ја прогласат (Марија) за Богородица“, рече спонтано на крајот Папата. „Ве поттикнувам сите вас без стапови, да станете и стоејќи да ја поздравите со тој поздрав на првата Црква: „Света Богородице!“
РВ/Д.И.