Во недела, 29 октомври 2023 година, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија по повод завршувањето на првото заседание на 16-тото Редовно Генерално Собрание на Епископската Синода во базиликата Свети Петар во Ватикан.
Црква која е служителка на сите, служителка на најмалите. Црква која никогаш не бара потврда за добро владеење, туку прифаќа, служи, сака. Црква со отворена врата која е пристаниште на милосрдието. Црква на обожувачи и Црква на служење, која му ги мие нозете на рането човештво, ги придружува кревките, слабите и отфрлените на нивниот пат, оди во пресрет на најсиромашните со нежност, сето тоа го истакна папата Фрањо обраќајќи им се на присутните на светата Литургија во базиликата Свети Петар.
Синодална и мисионерска Црква
Римскиот бискуп служеше света Литургија по повод завршувањето на 16-тото редовно генерално собрание на Синодата за синодалност, на кое присуствуваа кардинали, епископи, мирјани, посветени лица и браќа и сестри од другите христијански конфесии.
Во овој „разговор на духот“, рече папата Фрањо во својата проповед, можевме да го доживееме нежното присуство на Господ и да ја откриеме убавината на братството, се слушавме еден со друг и пред сè, во богата разновидност на нашите приказни и нашите чувства, го слушавме Духот.
Бог на прво место
Служете и навестувајте, но и пречекувајте, сакајте. Пред сè сакајте, рече Папата во своето размислување, бидејќи љубовта е првата заповед, движечкиот центар, вдахнувачкиот принцип.
Не нашите стратегии, не човечките пресметки, не модата на светот, туку љубовта кон Бога и другите. Сакај го Бога со целото свое битие и сакај го ближниот како себе си, тоа – истакна Папата – е принципот и основата од која почнува се.
Идолопоклонство кое поробува
Но, како да се преточи во дело тој полет на љубовта? Обожавајќи, затоа што тоа е првиот одговор што можеме да го дадеме на Божјата бесплатна и изненадувачка љубов. Обожувањето всушност значи да се признае дека Бог е смислата на животот: основата на нашата радост, причината за нашата надеж, гарантот на нашата слобода. Да, обожувајќи, повторно се откриваме себеси како слободни. Затоа љубовта кон Господа во Светото Писмо често се поврзува со борба против секое идолопоклонство.
Мораме секогаш да се бориме против идолопоклонството, предупреди папата Фрањо; световните идолопоклонства, кои често произлегуваат од личната суета, како што се желбата за успех, самопотврдувањето по секоја цена, алчноста за пари, стапицата за кариеризам; но и идолопоклонство преоблечено во духовност. Да бидеме будни, истакна Папата, за да не се ставаме себе си во центарот наместо Него.
Не постои автентично религиозно искуство кое е глуво за плачот на светот
Вториот глагол што го спомна Папата е да се служи, односно да се сака Бог и другите. Не постои вистинско религиозно искуство кое е глуво на плачот на светот. Нема љубов кон Бога без учество во грижата за другите, во спротивно се појавува опасноста од фарисејството, рече Римскиот епископ.
Жртви на војна, мигранти, сиромашни, немоќни
Црква која служи, тоа го сака папата Фрањо, Црква која ги мие нозете на ранетото човештво, ги следи кревките, слабите и отфрлените на нивниот пат, оди со нежност да се сретне со најсиромашните.
Нашите мисли се насочени кон оние кои се жртви на воени злосторства; на страдањата на мигрантите, на скриената болка на оние кои се сами и се згрчени во сиромаштија; кон оние кои се скршени од теретот на животот; кон оние кои веќе немаат солзи, кон оние кои немаат глас.
Мислам – додаде Папата – колку пати зад убави зборови и убедливи ветувања им се дава приоритет на форми на експлоатација или не се презема ништо за да се спречат. Тежок грев е да се искористуваат најслабите.
Слуга на последните
Ова е Црквата за која сме повикани да сонуваме: Црква која е слуга на сите, слуга на најмалите, повтори папата Фрањо. Повеќе синодална и повеќе мисионерска Црква. Папата им се заблагодари на сите кои беа дел од собранието за заедничкото патување, слушање и дијалог. Со благодарност, Светиот Отец посака сите да продолжат да растата во обожавањето на Бога и служење на ближниот. Обожувајте и служете, нагласи Папата.
Господ нека нè придружува на ова патување!, рече на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк