Папата Фрањо служеше Миса во Кито

Додека во светот, посебно во некои земји, се појавуваат различни облици на војни и судири, ние христијаните издржуваме во предлогот на признавање на другиот, исцелување на раните, градење на мостови, воспоставување на односи, и во тоа едни на други да помагаме во носењето на товарот
Евангелизацијата може да биде средство за единство на копнежите, чувствата, сништата, па дури и некои утопии – истакна папата Фрањо на Мисата за евангелизација на народите, која на 7 јули попладне по европско време, ја служеше во Кито, во Паркот на 200 годишнина, годишнина од – како што објасни Светиот Отец – крикот на хиспанофона Америка за независност. Беше тоа одговор на свест за недостаток на слобода, свест на народот дека е исцеден и ограбен, подложен на споредни користи на моќниците кои владеат – рече папата Фрањо цитирајќи го апостолското писмо ‘Evangelii gaudium’.

Тој одговор е во склад со предизвикот на евангелизацијата. Радоста на Евангелието го исполнува целиот живот на оние кои се среќаваат со Исус. Тој ослободува од грев, од жалост, од внатрешна празнина, од самотија. Сите ние овде собрани, околу олтарот со Исус, стануваме крик произлезен од уверението дека Неговата присутност нè поттикнува на единство, ни покажува убав призор и ни ја нуди саканата гозба – напомена Папата.

Чувствувајќи се испратен од Отецот, Исус ги испраќа своите ученици со послание во светот кој го сака и покрај заверите и предавствата. Во тој момент Господ на сопственото тело го чувствува сето најлошо од овој свет: интриги, недоверба, предавство, меѓутоа не се сокрива и не се жали – напомена Папата и истакна дека и ние секој ден гледаме како живееме во свет измачен со војни и насилства. Би било површно да се смета дека поделбите и омразите се однесуваат само на тензиите меѓу земјите или општествените групи – забележа Светиот Отец.

Тоа се всушност само манифестации на оној „раширен индивидуализам“ кој ги разделува луѓето и ги става едни против други, во копнеж за сопствена благосостојба, а тоа е според зборовите на Папата – плод од раните на гревот во срцето на луѓето, чии последици се одразуваат и во општеството и во сето создадено. Исус нè испраќа токму во тој свет кој нè предизвикува и нè повикува да бидеме Господовиот повик за единство и слобода.

Двестогодишнина нè поттикнува да бидеме внимателни да не го мешаме тоа со лажни утопии, туку да ја наследуваме евангелизацијата како средство на единство меѓу различните копнежи и чувства – напомена Папата и истакна: Додека во светот, посебно во некои земји, се појавуваат различни облици на војни и судири, ние христијаните издржуваме во предлогот на признавање на другиот, исцелување на раните, градење на мостови, воспоставување на односи, и во тоа едни на други да помагаме во носењето на товарот. Копнежот за единство претпоставува нежна и утешна радост на евангелизацијата, уверение дека имаме бесконечно добро кое можеме да го пренесеме, а кое во тоа пренесување се вкоренува. Било кој да го доживее тоа искуство – истакна Папата – поприма веќе чувствителност кон потребите на другиот. За тоа е потребно да се делува со цел да се вклучат на сите нивоа, избегнувајќи егоизми и промовирајќи комуникација, дијалог и соработка.

Треба да се довери своето срце на сопатникот, и тоа без сомнеж и недоверба… – напомена папата Фрањо и истакна – Да се довери човек на другиот е вештина, постигнувањето на мирот е вештина. Не е можно да се замисли сјајот на единството ако духовната световност меѓусебно нè судира, ако нè поттикнува на неплодно копнеење кон моќ, углед, уживање или економска сигурност.

Тоа единство има мисионерска вредност, „како светот би поверувал“. Евангелизацијата не е прозелитизам, туку таа е привлекување на оддалечените со нашето сведоштво; таа е понизно приближување кон оние кои се чувствуваат далеку од Господ и од Црквата, кон оние кои се плашат или кои се рамнодушни, како би им рекле: ’Господ те повикува и тебе да бидеш дел од Неговиот народ, и тоа го прави со многу почит и љубов’ – напомена Папата.

Посланието на Црквата, како Света тајна на спасението, е доследно на својот идентитет на народ во одење, покрај повикот во својот развој да ги вклучи сите народи на планетата. Колку е посилно заедништвото меѓу нас, толку ќе биде полесно посланието. Црквата треба да биде гостољубива куќа, постојано училиште на мисионерското заедништво, во блискост со Исус Кој нè посветува: „за нив се посветува себе, како и тие би биле посветени во вистината“. Исус нè посветува – истакна Папата – како би поттикнал лична средба со Него, која вдахнува средба со другите, заземање во светот и евангелизациски занес.

Треба да имаме исти чувства, далеку од искушенијата на идеологиите и секташтвата – предупреди Светиот Отец и додаде дека притоа треба да мислиме како сме оправдани со крвта на Исус Христос; а браќа сме бидејќи Бог го испрати во нашите срца Духот на Својот Син. Истакнувајќи го потоа идентитетот на христијанинот, Светиот Отец рече дека е тој далеку од едноликост; тоа е идентитет кој го изразува богатството на поинаквиот, а кој опфаќа и должност: тешко на мене ако не го проповедам Евангелието! – рече папата Фрањо наведувајќи ги зборовите на светиот Павле. Станува збор за дарување на себе кое секого од нас го вклучува како личност, кое воспоставува меѓучовечки односи кои не настануваат на давањето на „работи“, туку на дарување на себе, како личност која го сретнала Исус и сведочи за Синот Божји, вистинскиот дарувател на својот живот – рече папата Фрањо.

РВ/С.С.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот