Папата Фрањо се сретна со 500 ученици од Наполи и Рим

Незаборавен е 31 мај 2014 за 500 деца од основите училиште од Наполи и Рим, кои во предворјето на салата Павле VI, во Ватикан, се сретнаа со папата Фрањо. Средбата ја организира Папскиот совет за култура, во рамките на „Детското предворје на народите“, кое има за цел, како што објасни Патриција Мартинез, одговорната за таа иницијатива, децата од целиот свет да се запознаат меѓусебно, да разменат искуства за уметничките и сакралните места и споменици кои го опкружуваат нашето секојдневие, а често не ги познаваме. Учениците стигнаа во Ватикан со посебен воз на Италијански железници.

Светиот Отец веднаш се почуствува како да е во својот дом меѓу многуте радосни и бучни млади кои можеби го потсетија на годините во кои, како млад исусовец, предаваше литература во една гимназија. Овогодишната иницијатива, наречена „Копачи на светлоста“, вклучува деца од шест основни училишта од Наполи и од две римски училишта, кои поради различни проблеми, би можеле да го напуштат училиштето. По тој повод, по завршениот уводен дидактичко-културен пат, ги посетија катакомбите на Прискила во Рим и катакомбите на свети Џенаро во Наполи.

Папата Фрањо разговараше со учениците, тргнувајќи од подарокот што му го донесоа, од билката засадена во сад со земја од катакомбите. Утврдувајќи заедно со младинците дека катакомбите не се наоѓаат на некоја плажа, на светлото на денот, туку под земја, во мрак, Светиот Отец рече дека оваа земја што му ја донесоа од мракот, му ја донесоа за да стане светло, бидејќи светлоста е поважна од мракот, бидејќи таа нам ни дарува радост и надеж.

Билката што расте на таа земја ги претставува плодовите за подобар свет, а тоа не ја дозволува омразата, туку љубовта, рече потоа папата Фрањо и им објасни на учениците како апостол Иван, кој бил Исусов пријател, кога сакал да објасни кој е Бог, рекол: „Бог е љубов“. Бог е љубов, повтори Папата, а ние одиме кон светлото за да ја пронајдеме Божјата љубов. Но, Божјата љубов е и во нас, па и во мрачните моменти. Таа е секогаш сокриена таму, никогаш не нè напушта, рече Папата и ги поттикна сите да се препуштаат на Божјата љубов.

 РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот