Папата Фрањо: Потребно е глобално преиспитување на економскиот систем

Ватикан, 27.5.2013 /к.мк/ – Економскиот и финансискиот систем треба да бидат променети во поглед на солидарноста, бидејќи актуелната криза има потреба од „етичка визија“ за човечките односи. Тоа го посочи папата Фрањо во говорот пред учесниците на Меѓународната конференција организирана од Папската фондација „Centesimus Annus“ кои ги прими на 25 мај на аудиенција во Ватикан. Во говорот Светиот Отец се задржа на темата за невработеноста и истакна дека „неможноста да се заработи лебот е најлошата материјална сиромаштија“, бидејќи „го лишува достоинството на трудот “.
„Невработеноста – недостатокот или загубата на работата – е феномен кој се повеќе се шири на запад, на алармантен начин ја зголемува сиромаштијата. Нема полоша материјална сиромаштија од оваа, која не дозволува да се заработи леб и која го лишува трудот од достоинството“.
„Преиспитување на солидарноста“ беше главната тема за дискусија на Меѓународната конференција, од 23 до 25 мај, организирана по повод 20 години од основањето на Фондацијата од страна на Иван Павле II, чија цел е ширење на социјалното учење на Црквата. Светиот Отец појасни на кој начин треба да ја „откриеме солидарноста“:
„Не треба веќе да се гледа на солидарноста како на грижа за најсиромашните, туку како глобално преиспитување на целиот систем, како барање на патишта за нејзина реформа во склад со основните човекови права. На зборот „солидарност“ – на кој економијата гледа како на лош збор – потребно е да му се даде неговото заслужно место во општеството. Солидарноста не е примерно однесување, не е социјална милостиња: таа е општествена вредност, која треба да биде призната“.
Како Северниот така и Јужниот дел на светот, истакна Папата, се единствени во констатација дека „нешто не е во ред“. „Оваа криза не е само економска, туку своите корени ги наоѓа во етичката и антрополошката криза”:
„Следењето на идолите за власт, профит, пари, кои ја занемаруваат вредноста на човечката личност, станаа главно правило и клучен критериум за организација. Заборавивме и продолжуваме да забораваме дека над зделките, над логиката и параметрите на пазарот, стои човечко битие и постои нешто што го заслужува човекот според неговото длабоко достоинство: да му се гарантира можност за достоен живот и активно да допринесува во општото добро“.
Папата им се заблагодари на членовите на Фондацијата и истакна дека потребата за редефинирање на солидарноста, треба да се ориентира во две насоки:
„Пред сè комбинирање на научителството на Црквата со општетсвено –економскиот развој, кој, бидејќи е постојан и брз, секогаш отвара нови видици. На второ место „преиспитување“ значи „продлабочување“, дополнителено размислување, кое ќе ја истакне плодноста на една вредност – во овој случај на солидарноста – која црпи инспирација од Евангелието, од Исус Христос, и како таква содржи неисцрпни можности“. (В.Н.)

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<