Папата Фрањо: Парите да не го расипат фудбалот

Парите да не го расипат фудбалот – посака папата Фрањо примајќи го раководството на Италијанскиот фудбалски сојуз и екипите на Фиорентина и Наполи.

Економскиот фактор да не ја потисне „радоста“ која е својствена на фудбалот, а играчите секогаш нека се однесуваат спортски, свесни за големата одговорност која ја подразбира славата. Две се желбите кои папата Фрањо ги исткана во говорот до водството на Италијанскиот фудбалски сојуз и екипите на Фиорентина и Наполи, кои ги прими во аудиенција на 2 мај, во пресрет на финалето на Италијанскиот куп, натпревар кој се игра утре во Рим.

Светиот Отец пред сè забележа дека она што се гледа на игралиштето, а уште почесто околу него, не е секогаш убаво и чисто, меѓутоа, вистинската димензија на фудбалот би требала да биде воглавно радоста. А потоа, меродавно и со вообичаената искреност, им говореше на присутните фудбалери поаѓајќи од општиот познат факт: фудбалот во Италија, како и во Аргентина, а и на друго место е општествена појава која бара општествена одговорност, и тоа од самите играчи, на фудбалскиот терен и надвор од него, како и од националните и локални управители.

Како млад многу пати одев на стадионот и имам убави сеќавања за тоа – рече Светиот Отец. Тоа беа радосни неделни моменти, проживеани со моето семејство. Сакам фудбалот, како и секој друг популарен спорт, повторно да ја стекне димензијата на радост. Денес и фудбалот се движи во големиот бизнис промет, поради рекламите, телевизијата и друго. Меѓутоа, економскиот фактор не смее да го надвладее оној спортскиот, бидејќи така би можел да извалка сè, како на меѓународно и национално ниво, така и на локално – напомена папата Фрањо.

Затоа е потребно да се реагира од врвот, враќајќи им го на случувањата спортското достоинство – истакна Папата и додаде дека во тоа играчите имаат голема одговорност. Во средиште сте на вниманието и бројни ваши обожаватели се млади и многу млади; водете сметка за тоа, мислете на тоа дека вашето однесување се одразува, и тоа во добро и во зло. Бидете секогаш вистински спортисти! – поттикна Светиот Отец.

Осврнувајќи се на крајот општо за спортот, Папата истакна дека тој во себе поседува силна воспитна вредност за раст на личноста; за личниот развој, во склад со телото и духот, и за општествениот развој, во солидарност, честитост и почитување. Фудбалот секогаш нека ги развива тие можности! – истакна папата Фрањо и на сите им посака успешна работа, како и утрешниот натпревар да биде убава спортска веселба!

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот