Папата Фрањо: Вашиот живот нека биде дар за другиот
Мерката на Божјата љубов е без мерка. Кога го примаме Телото Христово, ние го живееме Исусовиот живот, станувајќи леб кој се прекршува за другите – се главните мисли на Папата на за време на молитвата Ангел Господов во недела 22 јуни 2014 година, а по повод празникот на Евхаристијата кој во многу бискупии се слави на денешен ден. Црковната заедница се собира околу Евхаристијата за да одаде почит на најдрагоценото богатство кое што Исус го остави.
Коментирајќи го Исусовиот говор за „Лебот на животот“, Светиот Отец нагласи дека Исус не дојде на овој свет за да даде нешто, туку се даде самиот себе, својот живот, како храна за оние кои во Него веруваат; тоа заедништво со Господ нѐ обврзува нас, Неговите ученици, да Го имитираме така што нашето постоење да го претвориме во лебот кој се прекршува за другите, како што Учителот го прекрши лебот, кој што е Неговото Тело – рече Папата.
Светиот Отец напомена дека секој пат кога учествуваме на Света Литургија и се храниме со Телото Христово, присутноста на Исус и на Светиот Дух го обликуваат нашето срце и внатрешниот став, така што и нашето однесување се случува во согласност со Евангелието; тоа најпрво се гледа во послушноста на Божјото Слово, во братството, во храброста на христијанското сведочење, во волшебството на љубовта и во способноста за давање надеж на тажните и прифаќањето на исклучените – рече Папата. На тој начин Евхаристијата го обликува христијанскиот начин на живот.
Христовата љубов прифатена со отворено срце нѐ менува, преобразува и оспособува за љубов, не секогаш по човечка ограничена мерка, туку по мерката на Бог, т.е. без мерка – е мисла која папата Фрањо ја повтори неколку пати. Тогаш стануваме способни да го љубиме и оној кој не нѐ сака нас, што не е ниту малку лесно – додаде Светиот Отец – бидејќи сме склони да возвратиме со иста мерка на оној кој не нѐ сака; стануваме способни на злото да се спротивставиме со добро, да простиме, да споделиме, да прифатиме. Благодарејќи на Исус и на Неговиот Дух и нашиот живот станува „прекршен леб“ за нашите браќа – рече Папата додавајќи дека така живеејќи ја откриваме вистинската радост, радоста на дарувањето на самите себе, како надомест за дарот кој најпрво незаслужено сме го примиле.
Исус, Лебот на вечниот живот слегна од небото и стана Тело, благодарение на верата на Пресвета Марија. Откако Го носеше во себе со неискажана љубов, Таа верно Го следи сѐ до крстот и воскресението. Да ја молиме Богородица да ни помогне да ја откриеме убавината на Евхаристијата и да ја ставиме во центарот на нашиот живот, посебно на неделната Литургија и во обожавањето – го заврши својот говор Светиот Отец.
По молитвата Ангел Господов, Папата потсети на Денот на Обединетите Народи за жртвите на мачење кој се обележува на 26 јуни. Папата одлучно го осуди секој вид на мачење, нагласувајќи дека мачењето на луѓето е тежок грев и ги повика христијаните да се заземаат за негово укинување, за помош на жртвите и нивните семејства. На крајот Светиот Отец ги поздрави ходочасниците и ги замоли да се молат за него.
РВ/Д.И.