Папата Фрањо зборувајќи со новинарите на враќање од Франција: „Добро управуваните миграции се богатство“. За евтаназијата: „Пазете се од идеолошка колонизација која го уништува човечкиот живот“. Украина: „Не смееме да си играме со мачеништвото на тој народ“
Марсеј е култура на средба, култура на помош. Марсеј е креативен мозаик. Тоа е пристаниште кое е порака за Европа: Марсеј прима. Прима и почитува и создава синтеза без да го негира идентитетот на народите. Ова го истакна папата Фрањо одговарајќи на прашања на новинари во авионот за време на летот назад од Марсеј за Рим.
Во саботата на 23 септември заврши 44. апостолско патување на папата Фрањо, при што тој отпатува за Марсеј, каде што учествуваше на завршното заседание на Медитеранските средби. Авионот со Светиот Отец слета на меѓународниот аеродром Фиумичино во Рим околу 20 часот и 40 минути. Разговорот со новинарите кои го придружувале на тоа патување бил краток бидејќи самиот лет траел околу 70 минути.
Мигрантите треба да бидат примени, следени, промовирани и интегрирани
Првото патување надвор од Ватикан во понтификатот на папата Фрањо беше во Лампедуса. Во таа прилика тој најостро ја осуди рамнодушноста и оттогаш, десет години, ја повторува истата порака, охрабрувајќи ја Европа да покаже солидарност. Дали тоа значи дека не успеал? – беше прашањето на француски новинар.
Не – одговори Папата – би рекол дека растот е бавен и денеска барем има свест за проблемот со миграцијата. Сепак, има случаи кои се лоши – додаде тој – во кои мигрантите се враќаат како топче за пинг-понг и се знае често да завршат во кампови, завршувајќи полошо од порано. Повторно спомнувајќи ја книгата „Малиот брат“ („Херманито“) која често ја препорачува за читање, истакна дека мигрантите не страдаат само затоа што мораат да заминат, туку и затоа што таму владее терор. Тие се робови.
Затоа Светиот Отец уште еднаш нагласи дека мигрантите треба да се примаат, следат, промовираат и интегрираат. Ако не можете да го интегрирате во вашата земја, одете со него и интегрирајте го во неговата земја, но не го оставајте во рацете на тие сурови трговци со луѓе. Тоа е трагедијата на мигрантите: ги враќаме назад, а тие паѓаат во рацете на тие несреќници кои ги продаваат и искористуваат.
Има, меѓутоа, група луѓе кои се посветуваат на спасување на луѓето во морето – истакна Папата и додаде дека го поканил на Синодата антиглобалистичкиот активист Лука Касарини, кој сега е шеф на здружението Медитеранско спасување на луѓето. Раскажуваат страшни приказни – рече тој. Сепак, од неговото патување во Лампедуза, работите се подобрија. Луѓето станаа свесни за овој проблем. Работите тогаш не беа познати, а вистината не се зборуваше. Добро е да ги допираме овие драми со нашите раце; ќе не направат почовечни. Тоа е повик, а јас би сакал да биде како крик: Да бидеме внимателни. Да направиме нешто – рече Светиот Отец.
Евтаназијата и идеолошката колонизација
Едната тема на разговорот со новинарите беше поврзана со прашањето за евтаназијата во Франција, со контроверзниот закон за крајот на животот, за кој, како што рече, денеска не разговарал со претседателот Макрон. Меѓутоа, во друга прилика, кога претседателот дошол во Ватикан, му рекол дека не можеме да си играме со животот, ниту на почетокот, ниту на крајот. Ова не е мое мислење – рече – тоа значи заштита на животот! Затоа што на крајот завршува со политиката „не боли“ и хуманистичка евтаназија – истакна Светиот Отец и го спомена романот „Господар на светот“ од Роберт Бенсон, во кој на крајот се отстрануваат сите разлики и секоја болка, а евтаназијата е една од тие работи.
Истовремено, римскиот епископ предупреди на идеолошките колонизации кои го уништуваат човечкиот живот, кои се против човечкиот живот, толку многу што денес, на пример, се брише животот на бабите и дедовците, кога човечкото богатство влегува во дијалогот меѓу внуците и бабите и дедовците. … се брише затоа што „стари се, не се потребни“.
Со животот не се игра. Дали тоа е закон кој не дозволува детето да расте во утробата на мајката, закон за евтаназија во болест или старост; не велам дека тоа е прашање на верата, тоа е човечка работа. Постои лошо сочувство. Науката го постигна тоа што успеа од некои болести да направи помалку болни и да ги лекува со бројни лекови – истакна Папата и повторно нагласи – со животот не се игра.
Украински народ – маченички народ
Што се однесува до Украина по мисијата на кардиналот Зупи, папата Фрањо рече дека чувствува одредена фрустрација, бидејќи Државниот секретаријат и мисијата на кардинал Зупи прават сѐ за да помогнат. Што се однесува до враќањето на децата, направени се чекори напред – рече тој и истакна дека оваа војна донекаде ја интересира не само руско-украинскиот проблем, туку и продажбата на оружје, трговијата со оружје. Еден економист пред неколку месеци изјави дека инвестициите кои носат најголем приход денес се фабриките за оружје, односно фабриките за смрт! – истакна тој и ја спомена историјата на мачеништвото на украинскиот народ.
Украинскиот народ е народ на маченички нарид, тој има многу болна историја, историја која предизвикува болка, и не е прв пат: многу страдаше во времето на Сталин, тие се народ на маченици. Но, не смееме да си играме со мачеништвото на овие луѓе, мора да им помогнеме да ги решат работите на најреален можен начин – истакна тој. За време на војната навистина е можно, не треба да се залажува дека утре двајцата лидери кои се во воена состојба ќе седнат на иста маса. Но, колку што е можно, каде што можеме да достигнеме, понизно, да го направиме она што е можно. Сега видов дека некои земји се повлекуваат, не даваат оружје и почнуваат процес во кој украинскиот народ сигурно ќе стане маченички. И тоа е лошо – истакна папата Фрањо
Марсеј – порака за Европа
Повторно навраќајќи се на патувањето на крајот, тој рече дека Марсеј е цивилизација на бројни култури, пристаниште на мигрантите, каде различни верски деноминации живеат заедно во она што Папата го нарекува култура на помош, креативен мозаик. Тоа е пристаниште кое е порака до Европа: Марсеј прима. Прима и почитува и создава синтеза без да го негира идентитетот на народот – нагласи папата Фрањо. Тој истакна дека особено пет земји страдаат поради големиот број мигранти, а од друга страна, во некои земји има места каде што живеат помалку од 20 стари лица и никој друг; затоа поттикна тие населени места да се заземат и да се вложат напори за нивно интегрирање. Ни треба работна сила, на Европа и треба. Добро извршените миграции се богатство. Да размислиме за оваа миграциска политика за да биде поплодна и многу да ни помогне – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк