Папата Фрањо: За излез од кризата потребна е солидарност

Многу е важно да се промовира солидарноста како вредност – рече Папата на членовите на Фондацијата Centesimus Annus – Pro pontifice, кои ги прими во сабота 10 мај претпладне во аудиенција, додавајќи дека претприемачите во спротивставувањето со кризата, не треба да се остават сами.

Економската криза на многу претприемачи им го одзеде сонот, на некои дури и надежта да одат напред. Претприемачите, кои се чувствуваат одговорни за животот на другите работници дека треба да се фокусираат на делење, на солидарност, ги охрабри Папата. Говорејќи за причините на кризата, која трае веќе неколку години, Папата рече дека зборот солидарност во денешниот економски систем, а следствено на тоа и во „менталитетот кој од него потекнува“, стана ’неподобен’, досаден, дури и погрден.

Сегашната криза, предизвикана од етичката криза, ја зголеми алергијата на зборот: солидарност, праведна распределба на добрата, првенство на работа… Причината е во тоа што не се успева – или не се сака – навистина да се проучи како во реалноста етичките вредности можат да станат економски вредности, односно да покренат крепосни сили во производството, работата, трговијата и во самите финансии – заклучи папата Фрањо.

Говорејќи пак за претприемачот – христијанин, Папата рече дека со евангелски дух треба да се набљудува реалноста во која делува. Евангелието бара на прво место да биде човечката личност и општото добро, секој да се зазема како би имале сите можност за работа, чесна работа. Се разбира, овој ’потфат’ не може да се оствари одвоено, туку во соработка со другите кои ја делат етичката основа и настојуваат што повеќе да ја шират мрежата – објасни папата Фрањо.

Христијанската заедница, во своите разни појави е место каде претприемачот, меѓутоа и политичарот, експертот, синдикалистот, го црпи сокот за своето занимање и за соочување со браќата. Тоа е многу важно, бидејќи работната средина понекогаш станува многу ладна, непријателска, нехумана. Кризата ја стави надежта на претприемачот на големо искушение; сами не треба да се остават оние кои се во големи тешкотии – предупреди Папата.

Папата ја пофали Фондацијата Centesimus Annus која тврди, промовирајќи го Вториот Ватикански собор, дека верниците-лаици се повикани да делуваат во рамките на општествениот, економскиот и политичкиот живот. Не е доволно да се говори, туку треба да се изнесуваат искуства на луѓе и претпријатија кои во светот на работата навистина ја применуваат христијанската етика. Тоа сведоштво е многу важно и ве поттикнувам уверено да го носите напред, посветувајќи време на молитвата, бидејќи на лаикот и претприемачот молитвата му е потребна, а во тешките предизвици, треба многу да се моли – заклучи папата Фрањо.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот