„Во тешки и болни моменти во историјата, не сме сами. Бог продолжува да ни ја испраќа Мајката на својот Син, која и денес оди со нас“. Ова го истакна Папата во проповедта на светата Литургија на шпански јазик, која ја служеше вечерта на 12 декември 2022 година во базиликата Свети Петар за празникот на Пресвета Богородица од Гвадалупе, заштитничка на латиноамериканскиот континент.
„Бог ја води историјата на човештвото во секој момент“. Ова го истакна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија, која ја служеше на празникот Богородица од Гвадалупе, 12 декември. „Богородица му се јави на Хуан Диего пред речиси петстотини години, во тешки моменти, но и денес е тежок момент за човештвото во кој Господ нѐ придружува на патот на братството“, истакна Папата.
Пресвета Богородица од Гвадалупе, „нѐ повикува да ги оставиме сите наши предрасуди и стравови и да ја потврдиме нашата припадност кон Господа“.
„Оваа година го славиме литургискиот празник на Пресвета Богородица од Гвадалупе во тежок момент за човештвото“, истакна Папата: „Ова е горчлив период, полн со татнежи на војни, зголемени неправди, глад, сиромаштво и страдања. Иако овој хоризонт изгледа мрачен, вознемирувачки, со предзнаци за поголемо уништување и пустош, Божјата љубов и милост ни зборуваат дека сепак е поволно време за спасение, во кое Господ, преку Дева Марија, продолжува да ни го дава својот Син, кој нè повикува на братство, да се откажеме од себичноста, рамнодушноста и антагонизмот за да им подадеме рака на браќата и сестрите отфрлени од нашите консумеристички и апатични општества“.
Папата Фрањо потсети дека „пред речиси пет века, во сложен и тежок момент за жителите на новиот свет, Господ го преобрази судирот од средбата меѓу двата различни света, враќајќи ја смислата и достоинството, за отвореност кон Евангелието. И тој го направи тоа испраќајќи ја Марија, својата мајка “.
Помеѓу 9 и 12 декември 1531 година, на ридот Тепејак, северно од денешен Мексико Сити, Богородица неколку пати му се објави на Хуан Диего, Ацтек кој се преобратил на христијанство. Епископот не му поверувал на неговото сведочење и побарал од него натприроден знак. Хуан Диего пронашол рози типични за шпанскиот регион Кастилја кои цветаат надвор од сезоната и на каменито тло. Ги однел кај епископот и кога пред него и пред седуммина други сведоци ја отворил својата наметка за да ги покаже цвеќињата, на неа се појавил ликот на Богородица за да го навести раѓањето на новата и посебна цивилизација.
„Да му се заблагодариме на Господа за големата љубов што ни ја покажа испраќајќи ја својата блажена Мајка на нашиот американски континент – истакна папата Фрањо. Таа продолжува да нѐ чува и да ни ја покажува нејзината мајчинска нежност, нејзината утеха и помош. Сака да нѐ потсети дека Евангелието ја обликувало душата на Латинска Америка и дека како верници во Христа, имаме одговорност да бидеме носители на надежта и сведоци на љубовта на Исус Христос и решителни протагонисти во градењето на нова култура која се грижи, вклучува и обновува “.
На крајот, Папата се помоли, со посредство на „нашата Мајка од Гвадалупе, Исус Христос да ни подари денови на радост и мир, за да живее мирот Господов во нашите срца и во срцата на сите мажи и жени со добра волја“.
Ватикан њуз/к.мк