Папата Фрањо: Жедни сме за милосрдие

Папата Фрањо: Жедни сме за милосрдие

На 3 ноември 2016 година папата Фрањо во аудиенција прими претставници од различни религии кои ги повика да негуваат мирољубива средба на верниците и вистинска верска слобода.

Пред околу 200 луѓе Светиот Отец говореше за Годината на милосрдието. Порача дека милосрдието се протега и на светот околу нас, „на нашиот заеднички дом, кои сме повикани да го заштитуваме и чуваме од неконтролираната и алчна потрошувачка.“

Папата истакна дека на денешниот бурен и расеан свет потребен му е кислородот на бесплатната и животворна љубов: „Жедни сме за милосрдие и никаква технологија не може да ја задоволи таа жед. Бараме љубов трајна од краткотрајното задоволство, сигурно пристаниште каде што можеме да ги завршиме нашите немирни лутања, бесконечна прегратка која простува и помирува,“ рече Светиот Отец.

На присутните им кажа дека треба заеднички да се обврзиме „да се учиме на трезвеност и почитување; да се учиме со поедноставен и поуреден начин на живот.“ Потоа ги поттикна сите религии заедно да појдат по патот на дијалогот, отфрлајќи ги бесцелните патишта на несогласување и ограниченост. Исто така предупреди на тоа дека заради однесувањето на некои следбеници религиите испраќаат искривена порака која не е во согласност со милосрдието и продолжи:

„За жал не поминува ден, а да не слушнеме вести за насилство, конфликти, киднапирања, терористички напади, убиства и уништување,“ истакна папата Фрањо и рече дека е страшно што некои го оправдуваат таквото варварство, повикувајќи се на религија или на Бог. Повика на јасна осуда на таквите погрешни ставови кои го „обесчестуваат Божјото име и ја валкаат верската мисија на човештвото.“

Светиот Отец својата порака ја заврши со повик за мирољубива средба на верниците и автентичната верска слобода: „Нашата одговорност пред Бог, човештвото и иднината е голема; повикани сме на упорен напор без прикривање. Станува збор за повик кој ни претставува предизвик, за патот по кој треба да одиме заедно за доброто на сите и со надеж,“ рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот