Папата Фрањо до христијанските семејства: Заштитете го својот идентитет од „идеолошка колонизација“
Спротивставете се на идеолошката колонизација која му се заканува на семејството – истакна Светиот Отец по повод средба со семејствата во главната спортска арена во Манила, на 16 јануари 2015 година.
Папата своето размислување за дарот на семејството го заснова на евангелскиот извештај за тоа како Господ на свети Јосиф во сонот го насочува што да направи. Во својот типичен стил Папата обраќањето – со бројни спонтани дополнувања – го разграничи во три точки: да одмараме во Господ, да се издигнеме со Исус и Марија и да бидеме пророчки глас.
Меѓутоа, прво им предложи на семејствата навечер да ја испитат совеста, прашувајќи се: „Дали сонував за своите синови и ќерки? Дали сонував за љубовта кон својот маж или својата жена? Дали сонував за своите родители, за своето семејство?“ Немојте да ја изгубите способноста да сонувате за семејството, односно „размислувања“ за „добрите квалитети“ кои ги имаат членовите на семејството – порача Светиот Отец.
Првата точка од говорот на Папата е да одмараме во Господ. За да го слушнете и прифатите Божјиот повик мора да одмарате во Господ, а одмарањето во Господ е молитвата. Треба да пронајдете секој ден време за молитва – порача Папата на семејствата. Можеби ќе ми кажете: Свети Оче, сакам да молам но имам многу работа! Морам да се грижам за децата, имам обврски по дома; премногу сум уморен за да би можел добро да спијам. Тоа можеби е вистина – продолжи – но, без молитва нема да ја знаеме најважната работа – Божјата волја – а со молитвата ќе можеме сè да оствариме.
Одмарањето во молитвата е особено важно за семејствата. Не заборавајте дека семејството е соединето кога моли. Најпрво во семејството учиме да молиме, го запознаваме Бог и растеме за да станеме луѓе на верата; членови на Божјото семејство – Црквата. Во семејството учиме да ги надминеме сопствените потреби и да го делиме животот со другите. Затоа е толку важно да молиме како семејство! Затоа семејството е толку важно во Божјот план за Црквата – нагласи Папата и призна дека е силно приврзан на свети Јосиф и му се доверува на посебен начин: кога има потешкотија ја пишува на хартија и ја става под кипот на светецот.
Втората точка – продолжи папата Фрањо – е да се издигнеме со Исус и Марија. Можеби би сакале да ги продолжиме скапоцените моменти со Господ во молитвата, но како свети Јосиф – бидејќи го слушнавме Божјот глас – треба да се издигнеме од сонот и да делуваме. Така е и во семејството бидејќи „верата не нè отстранува од светот, туку нè воведува подлабоко во него. Мораме да одиме длабоко во светот, но со силата на молитвата“ – рече Папата и предупреди:
„Чувајте се од нова идеолошка колонизација“ која „се обидува да го уништи семејството. Таа не доаѓа од соништата кои Бог ни ги дава: од молитвата и посланието кое Бог ни го доверува. Доаѓа однадвор и затоа велам дека е колонизација. (…) И како што нашите народи можеле да кажат „не“ на периодот на колонизацијата, како семејство треба да бидеме многу мудри и многу силни, со смелост да кажеме „не“ на тие иницијативи на колонизација, кои би можеле да го уништат семејството. Да молиме за заговор на свети Јосиф за да знаеме кога да кажеме „да“, а кога да кажеме „не“.
Додека многу живеат во крајно сиромаштво, некои се зафатени со материјализмот и стилот на животот кој го уништува животот и основните барања на христијанскиот морал – тоа е идеолошка колонизација. Семејството исто така е загрозено со сѐ поголемите настојувања на некои за да ја редефинираат самата институција брак преку релативизам, култура на минливост, отсуство на отвореност за живот – објасни папата Фрањо, додавајќи дека блаженот Павле VI – бранејќи ја отвореноста за живот во својата енциклика (Humanae Vitae) – бил храбар, добар пастир кој ги предупредил своите овци на волковите кои им се приближуваат.“
На светот му се потребни силни семејства за да се надвладеат тие опасности! Секоја закана на семејството е закана на самото општество бидејќи „иднината на човештвото поминува низ семејството.“ Затоа заштитувајте ги своите семејства! – ги поттикна Папата присутните повикувајќи ги да бидат светилишта на почитување на животот и да ја навестуваат светоста на секој човечки живот од зачнувањето до природната смрт.
Семејствата така стануваат пророчки глас, благослов за светот кои го шират Божјото Царство, верни на пророчкото послание кое сме го примиле на крштението. Светиот Отец ги повика семејствата да бидат подготвени да одат и понатаму од своите домови во грижата за оние браќа и сестри кои имаат потреба, со посебно внимание за оние кои се сами и немаат семејство. „Не дозволувајте некогаш да се почувствуваат изолирани, осамени и напуштени, туку помогнете им да сфатат дека Бог не ги заборавил,“ рече Папата, признавајќи дека длабоко го трогнала денешната посета по Литургијата во домот за сираци.
Можеби материјално сте сиромашни, но имате изобилство дарови кои можете да ги понудите на Христос и Црквата. Немојте да ја сокривате својата вера, немојте да го сокривате Исус, туку носете Го во светот и нудете го сведоштвото на својот семеен живот“ – поттикна папата Фрањо уште еднаш повикувајќи на истраен семеен молитвен живот и самиот се препорача во нивните молитви.
РВ/к.мк/Д.И.