Папата Фрањо даде интерву за група млади од Белгија

Белгиската телевизија на 3 април емитуваше интервју на неколку белгиски млади со Папата, снимено на 31 март во Апостолската палата во Ватикан. Иницијативата потекнала од комуникацискиот проект на Канцеларијата за пасторал со младите во Фландрија. Младите, кои во Рим ги придружуваше бискупот Лукас Ван Лоу, на Папата му поставија прашања на англиски, а Светиот Отец одговараше на италијански јазик.

Беше тоа весела и семејна средба, во многу едноставна атмосфера. Меѓу младите беше и една девојка, која не верува во Господ, меѓутоа вели дека ја воодушевуваат зборовите на папата Фрањо. Младите најнапред го запрашаа Папата зошто го прифати интервјуто. Папата одговара дека говорот за немирот на младите го смета за драгоцена служба. А на ненадејното прашање: „Дали сте среќен и зошто“? Папата одговори:

Апсолутно! Апсолутно сум среќен. А мојата среќа е спокојна, бидејќи во оваа доба не е иста како среќата на некој млад човек, постои разлика. Мојот внатрешен мир е голем, како и задоволството, што исто така доаѓа со годините, па и со искуството во кое секогаш имало проблеми. Проблеми има и сега, меѓутоа таа среќа не ме напушта, иако има проблеми, не: проблемите ги гледам, ги поднесувам и одам напред, правам нешто да ги решам и одам напред. Меѓутоа во длабочината на срцето се тој мир и среќа. Тоа е за мене прва Божја милост. Тоа е значи милост, а не моја заслуга – истакна Светиот Отец.

На прашањето за големата љубов на Папата кон сиромасите, Папата одговара дека тие се срце на Евангелието. За мене срце на Евангелието се сиромасите. Слушнав пред два месеца дека некоја затоа кажа: „Овој папа е комунист“. Не! Тоа е знаме на Евангелието, а не на комунизмот – Евангелието – повтори Папата! Сиромаштво без идеологија… Затоа верувам дека сиромасите се во средиште на Исусовото навестување. Доволно е да се прочита Евангелието. Проблем е во тоа што однесувањето кон сиромасите понекогаш, во историјата, било идеолошко – рече Папата.

Девојката , која вели дека не верува, го праша Папата, каква порака има за младите? – Сите сме браќа – одговара Светиот Отец. Верници и неверници, следбеници на оваа или онаа вероисповед, евреи и муслимани… сите сме браќа! Човекот е средиште на историјата, а тоа е за мене многу важно: човекот во центарот. Човекот во овој историски момент е исфрлен од центарот, втурнат е на периферијата, во центарот – барем за сега – е моќта, парите. Треба да работиме во корист на личностите; мажите и жените, кои се слика Божја – објасни папата Фрањо.

Денеска – продолжи Папата – влеговме во културата на отфрлање: децата се отфрелни – не сакаме деца, што помалку деца и мали семејства: децата не се посакувани – отфрелни се и старите: бројни умираат поради прикриена евтаназија, бидејќи за нив никој не се грижи и умираат. Сега се отфрелни и младите – рече Папата напомнувајќи дека во Италија скоро 50% од младите не работат. Потсети и на своите средби со младите во Аргентина и рече дека има доверба во нив и во нивната конкретност. Задоволен сум бидејќи тие – леви и десни – свират нова музика, нов политички стил. А тоа ми влева надеж. Верувам дека младите во овој момент треба да го подигнат светлото и да одат напред. Сакам да бидат храбри – тоа ме радува – рече Папата.

Запрашан за потрагата по Господ, Папата рече: Кога човек ќе се најде самиот себе, го бара Господ. Можеби нема да успее да го пронајде, меѓутоа ако оди по патот на чесноста – барајќи ја вистината – оди по патот на добрината и убавината… На добар пат е и сигурно ќе го најде Господ; порано или подоцна, ќе го најде. Патот е долг и некои луѓе во животот не го наоѓаат. Не се свесни за Господ, меѓутоа се вистинити и чесни кон самите себе, многу добри и ја сакаат убавината; тие на крајот имаат многу зрела личност, способни се да се сретнат со Господ, што секогаш е милост. Бидејќи милост е средба со Господ – истакна Папата.

Едно момче го праша Папата што научил од своите грешки; Папата одговара дека грешките се „голем учител на животот“. Голем учител: многу ќе те научат. Исто така те прават понизен, бидејќи некој би можел да се почувствува надчовек, меѓутоа кога ќе погрешиш, тоа те враќа на вистинското место. Не би рекол дека сум учел на сите свои грешки; не, на некои не сум научил, бидејќи сум тврдоглав, а да се учи не е лесно. Меѓутоа на многу грешки сепак сум научил и тоа ми дојде добро и многу ми помогна. Исто така и признавањето на грешките. Овде сум згрешил, сум згрешил и таму; грешам во тоа… Треба исто така да се биде внимателен да не ја повторуваш истата грешка – забележа Папата.

Една девојка го праша: Дали имате конкретен пример што сте научиле од некои свои погрешки? – На пример, во управувањето со животот на Црквата: како многу млад бев именуван за поглавар. Бев премногу решителен: имав 36 години… После тоа, научив дека треба да се разговара, треба да се слушне што мислат другите… Меѓутоа тоа не се учи еднаш засекогаш. Патот е долг – заклучи Папата.

Едно момче ненадејно го запраша: Од што се плашите? – Од самиот себе, одговара Папата и смеејќи се… гледај, во Евангелието, Исус често повторува: Не плашете се! Не плашете се!… Тоа го вели многу пати, зар не? А зошто? Бидејќи знае, би рекол, дека стравот е нормален. Ние се плашиме од животот, се плашиме од предизвиците, се плашиме од Господ. Сите во себе носиме страв, сите. Поради стравот не треба да бидеш загрижен. Стравот го чувствуваш, меѓутоа не треба да се плашиш од него, туку да се испитуваш: Поради што се плашам? Потоа пред Бога и во себе треба да се настојува да се објасни ситуацијата или да се бара помош од некој друг. Стравот не е добар советник, бидејќи не те советува добро – објасни Папата.

Папата објасни дека постои „зол и добар страв“. Добар страв е разборитоста: помага да не застраниме. А злиот страв те уништува, ти оневозможува делување. Од таквиот страв треба да се ослободиме – рече Папата.

На крајот, последното прашање на младите во целост беше неочекувано: Имате ли прашање за нас? – Прашањето кое сакам да ви го упатам не е изворно; го земам од Евангелието. Каде е вашето богатство (млади)? Тоа е моето прашање. На што се запира твоето срце, на кое богатство се одмора? Бидејќи каде ти е богатството таму ќе ти биде и срцето… Тоа сакам да ве прашам, меѓутоа самите на себе треба да одговорите, сами дома… – рече Светиот Отец.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот