Папата Фрањо: Бог е личност
Ватикан, 18.4.2013 /к.мк/ – Присуството на Бог не е нешто недефинирано, расфрлено насекаде, како некоја есенција. Бог е одредена Личност, а не „бог спреј“. Тоа го рече Папата Фрањо за време на утринската Литургија, што ја отслужи во капелата на домот Света Марта во Ватикан, во присуство на вработените во Инспекторатот на италијанската полиција одговорна за Ватикан.
Многу луѓе велат дека веруваат во Бог, рече Папата. „Но, во кој Бог веруваш“? „Во еден распрснат, како спреј Бог, кој е секаде и не се знае што е? Ние веруваме во Бог, кој е Отецот, Синот и Светиот Дух. Веруваме во Личности и кога зборуваме со Бог зборуваме со Личности: или со Отецот, или со Синот или со Светиот Дух. Тоа е верата“.
Повикувајќи се на библиското читање за денот во кој Исус вели дека никој не може да дојде кај него, ако не го повика Отецот, Светиот Отец рече: „Овие зборови ни покажуваат дека одењето кај Исус и да Го познаваме претставува еден дар“, кој што Бог великодушно ни го дава. „Тоа е радоста на верата, радоста од средбата со Исус, радоста, која подарува мир: но не радоста која ни ја дава светот, туку Исус. Тоа е нашата вера“.
На крајот Папата повика од Господ да побараме да ја зголеми кај нас оваа вера, која нѐ прави силни и радосни. Оваа вера, која секогаш започнува со средбата со Исус и продолжува во животот преку малите секојдневни средби со Него“.