На средбата со членовите на италијанското здружение на фармацевти, папата Фрањо се осврна на оние кои сакаат да го укинат приговорот на совеста и посочи дека не се работи за неверство, туку напротив, верност кон професијата, доколку е соодветно поттикната.
Папата Фрањо во четврток 14 октомври 2021 година се сретна со членовите на Италијанското здружение на фармацевти кои пристигнаа во Рим од цела Италија по повод 42. Национален конгрес на италијанското друштво за болничка фармација и фармацевтски услуги на здравствени институции. На почетокот на својот говор, тој посочи дека нивниот собир, кој се одржува во Рим до 17 октомври, е можност за дискусија, но и можност да се потврди важноста на националниот јавен здравствен систем, неопходно потребен фактор за да се гарантира заедничкото добро и социјалниот развој. Сето ова треба да се направи – додаде тој – во контекст на пандемијата која промени и ќе продолжи да го менува начинот на планирање, организирање и управување со здравството и здравјето. Папата, исто така, ги потсети учесниците дека абортусот не е решение, туку убиство и ги посочи на три пата што треба да ги преземат во својата работа – патот на служење, професионалност и етика.
Служење
Првиот пат, Папата го поврза со ликот на гостилничарот од параболата за Добриот Самарјанин. Од него се бара да го прими изранетиот човек и да се погрижи за него додека не се врати Самарјанецот (сп. Лука 10,35). Во овој лик гледаме два важни аспекти од работата на болничкиот фармацевт: дневна рутина и скриена услуга – рече Папата и објасни: Овие аспекти се заеднички за многу други работни места кои бараат трпение, истрајност и прецизност, а кои немаат можност да се видат, не се забележуваат. Затоа, ако се придружени со молитва и љубов, тие создаваат „светост во секојдневието“. Затоа што, без молитва и без љубов, таа рутина станува бесплодна. Но, покрај љубовта, рутината остварена со љубов и молитва води до светост „од соседството“, до анонимни светци кои се насекаде.
Професионалност
Вториот пат се однесува на специфичната димензија на болничкиот фармацевт, односно неговата професионалност. Заедно со докторот, болничкиот фармацевт истражува, експериментира, предлага нови начини; секогаш во директен контакт со пациентот. Станува збор за способноста да се разберат болестите и пациентите, да се прилагодат лековите и дозите; при тоа, понекогаш се соочува со комплицирани клинички состојби. Имено, фармацевтот е во состојба да ги земе предвид севкупните ефекти кои се повеќе од едноставен збир на поединечни лекови за различни патологии.
Етика
Третиот пат се однесува на етичката димензија на професијата и тоа од два аспекта: личен и социјален – рече папата Фрањо и објасни: На индивидуално ниво, фармацевтот користи лековити супстанции кои можат да се претворат во отров. Тука станува збор за постојано внимание, така што целта е секогаш животот на пациентот во целина. Секогаш сте во служба на човечкиот живот – рече Папата. Ова во некои случаи може да вклучи приговор на совеста, што не е неверство, туку, напротив, верност кон вашата професија, доколку е соодветно мотивирана.
Денес, малку е во мода да се размислува за тоа дали можеби би било добро да се укине приговорот на совест – забележа Папата и предупреди дека ова е етичка интимност на секој здравствен работник и дека никогаш не треба да се преговара; тоа е токму крајната одговорност на здравствените работници. Покрај тоа, тоа е исто така предупредување за неправди извршени на штета на невини и незаштитени животи.
Ова е многу чувствителна тема која бара голема стручност и искреност во исто време – рече Папата и посебно внимание посвети на абортусот. Знаете дека, во овој поглед, јас сум многу јасен: тоа е убиство и не е дозволено да се биде учесник во тоа. Наша должност е блискоста, нашата позитивна должност: да бидеме блиски до жените за да не се дојде до размислување дека абортусот е решението, бидејќи всушност и не е – истакна Папата.
Социјална правда
Покрај личното етичко ниво, постои и ниво на социјална правда. Стратегиите за здравствена заштита, насочени кон постигнување правда и општо добро, треба да бидат економски и етички одржливи – истакна Папата, додавајќи дека, сепак, критериумите за управување и финансирање не се единствените фактори што треба да се земат предвид. Културата на отфрлање не треба да влијае на вашата професија. И за тоа секогаш треба да се внимава. Бог, нашиот Отец, не ни даде задачата парите да ја чуваат земјата, туку на нас: мажите и жените. Тоа е наша задача! Наместо тоа, мажите и жените се жртвуваат на идолите на профитот и потрошувачката; тоа е култура на отфрлање.
Папата, исто така, посочи дека управувањето со ресурсите и да се внимава да не се растура она што е доверено во рацете на секој поединечен фармацевт, добива не само економско, туку и етичко, многу хумано значење. Мислиме за внимание на деталите, купување и складирање на производи, нивна правилна употреба и дистрибуција до оние на кои им се потребни. Исто така, мислиме на односот со различниот персонал – главни сестри, медицински техничари, медицински сестри, лекари и анестезиолози, како и со сите вклучени структури – рече папата Фрањо и на крајот им посака на присутните да продолжат да напредуваат во нивната многу хумана, многу чесна, многу важна и често толку тивко занимање, кое никој не го забележува.
Ватикан њуз/к.мк