На 50 годишнината од своето свештеничко ракополагање, папата Фрањо во Генералната курија на Дружбата Исусовци ги претстави собраните дела на патер Анхел Фиорито, Исусовец од Аргентина, кој почина во 2005 година, а кој почувал многу ученици меѓу кои и самиот Папа
Претставувајќи ја содржината на изданието во 5 тома, објавено во издание на „Ла Цивилта Католика“, Папата ги изнесе личните сеќавања, како и оние кои се однесуваат на „училиштето“, за да го претстави „учителот“ на дијалогот и расудувањето, трпелив и полн со почит.
Причина за утеха за нас, неговите ученици… се неговите записи кои ќе направат многу добро на целата Црква, уверен сум во тоа – накратко со тие зборови Папата во предговорот го нарекува изданието на „Есритос“ во 5 тома со повеќе од 2000 страници, на својот воспитувач и духовник.
За да воведе во ликот на тој „учител на дијалогот“ кој – како што рече папата Фрањо, малку зборуваше, но беше многу способен за слушање во кое созреваше неговото расудување, Папата се присети на историјата на Исусовците и на историјата на нивното меѓусебно познавање, задржувајќи се притоа на најважните периоди. Се случило тоа во Аргентина во годините по Вториот ватикански собор. Патер Анхел и Хорхе Берголио се запознале на универзитетот во Буенос Аирес додека идниот Папата ја завршувал својата формација пред да стане свештеник во 1969 година и потоа провинцијал во 1973 година. Патер Анхел тогаш бил декан и професор на Филозофскиот факултет во Заводот „Massimo u San Miguelе“, а потоа ректор на универзитетот во Сан Салвадор.
Се запознале во 1961 година и патер Анхел станува духовник на Берголио. Од тогаш започнав да му се доверувам – рече папата Фрањо. (…) Многу трогателно беше раскажувањето на Папата за последната средба со патер Анхел, кога веќе бил болен и не можел да зборува. Тоа бил – според зборовите на Папата – незаборавен момент. Тоа било на 9 август 2005 година. Само гледал. Интензивно. И плачел со „мирни“ солзи – рече папата Фрањо. Фиорито го имал дарот на солзите кој е израз на духовна утеха, мал трогателен знак – како што зборувал свети Бенедикт, на Божјата нежност.
Папата потоа се осврна на насловот на собраните дела кој главс „Учител на дијалогот“. Патер Анхел бил „Учител“ во „исусоваска“ смисла инструктор за трета пробација, односно за последниот дел од формацијата на Исусовците – објасни Папата, но најмногу знаел да го извршува својот „munus docendi“, односно службата на поучувањето зата што не само што ја пренесувал содржината на Господовата наука во неговата чистота и целосност, туку тоа го правел така што оној кој ја примал станувал ученик, Исусов следбеник, мисионер, слободен и занесен од навестувањето.
Меѓутоа поучувањето на патер Анхел не било само во зборовите туку и во делата на милосрдието. Од делата на патер Фиорито избива духовното милосрдие: Поука за оние кои не знаат, добри совети за оние на кои им се потребни, поправање за оние кои грешат, утеха за оние кои се тажни и помош за трпеливоста во тагата. Сите тие благодати се поврзуваат и резимираат во големото дело на духовното милосрдие кое е расудувањето. Тоа нѐ оздравува од најтажните болести, достојни за сожалување – од духовното слепило кое нѐ спречува да го препознаеме во Божјото време, времето на неговата посета – рече Папата.
Во многу идеолошко време, патер Анхел во провинцијата бил голем противник на идологијата. Одвраќал од неа, поттикнувајќи занес за добар дијалог со самиот себе, со другите и со Господ. И поттикнувал да не се дијалогизира со искушението, со зли духот. Тоа ми остана силно врежано во паметот: Со ѓаволот не се дијалогизира – рече Папата и додаде: Идеологијата секогаш е монолог со само една идеја, а патер Фиорито му помагал на својот соговорник да ги разликува во себе гласовите на доброто и злото од својот сопствен глас, а тоа го отворало умот затоа што го отворало срцето за Бог и за другите.
Папата потоа спомна други карактеристики на патер Анхел, на пример тој не поттикнувал, туку слушал во тишина, а потоа качувајќи се по скали, од полиците на својата библиотека вадел хартија и ја давал како „лек за душата“. Бил како мудриот фармацевт за душата – рече папата Фрањо, а потоа го спомна и големото трпение кое го имал патерот. Бил учител во не брзање за времето, во трпеливо чекање човекот сам да стане свесен за некои работи – рече папата Фрањо и на крајот изрази надеж дека благодарение на тоа величествено издание на неговите записи, ќе пушти корени, ќе процвета и ќе даде плодови во животот на многу луѓе кои се хранат со благодатта која тој ја примил и кој знаел дискретно да ја пренесе давајќи и коментирајќи ги Духовните вежби.
Ватикан њуз/к.мк
Таг: 50 години свештенство
Клучни зборови: папа Фрањо, патер Анхел Фиорито, Генералната Курија на Дружбата Исусовци во Рим