Папата упати телеграма со сочувство по повод смртта на Маргарет Тачер
Ватикан, 9.4.2013 /к.мк/ – Папата Фрањо упати телеграма со сочувство по повод смртта на поранешната британска премиерка Маргарет Тачер. Во телеграмата, потпишана од државниот секретар на Ватикан, кардинал Тарчизио Бертоне до британскиот премиер Дејвид Камерон, Светиот Отец потсети дека високо го цени нејзиното застапување за христијанските вредности во нејзиниот јавен живот, како и промовирањето на слободата меѓу народите. Папата Фрањо ја доверува нејзината душа на Божјото милосрдие и вети на нејзиното семејство и британскиот народ дека ќе ја вклучи во неговите молитви.
Поранешната премиерка на Велика Британија, Маргарет Тачер почина во понеделникот, 8 април од мозочен удар на 87-годишна возраст. Таа беше единствената жена премиер на Велика Вританија.