Папата: Тешко е да се разговара со држави кои почнуваат со војна, но дијалогот мора да се води
По враќањето во Рим од Казахстан, папата Фрањо, меѓу другото, се осврна и на војната во Украина, дијалогот и состојбата на Западот како дел од вообичаената прес-конференција во авионот.
Секогаш треба да разговараме. По враќањето во Рим во четврток 15 септември 2022 година, папата Фрањо одговараше на прашања на новинарите кои го придружуваа во Казахстан, зборувајќи за војната во Украина, правото на нацијата на самоодбрана и трговијата со оружје. Тој зборуваше и за улогата на политиката и Западот, кој е во криза на вредности што се заканува да генерира популизам. Одговарајќи на прашање за Црквата во Европа, папата Фрањо објасни дека на Црквата и се потребни пастири, а не пасторални планови. На почетокот на прес-конференцијата, Папата ѝ го честиташе роденденот на новинарката на дневниот весник Avvenire Стефанија Фаласка, а потоа во нејзина чест се служеше торта.
Секогаш мора да се води дијалог
Одговарајќи на прашање на полски новинар за актуелната војна во Украина и дијалогот со Москва, Папата истакна дека секогаш е тешко да се разговара со државите кои ја започнале војната, но тоа не е безнадежно. Секогаш треба да се држи отворена можноста за дијалог со секого, бидејќи дијалогот дава можност за промена, за нудење поинакво мислење.
Не исклучувам дијалог со која било сила – дали е нападната или е агресор. Мора да разговараме, рече Папата. Во спротивно, ја затвораме единствената разумна врата за мир. Дијалогот мора секогаш да се води, барем да се нуди, а тоа е добро за оние што го нудат; им помага да дишат.
Самоодбрана
На прашањето на германски новинар дали е правилно да се снабдува Украина со оружје, Папата одговори дека тоа е политичка одлука, но има важни морални импликации. Неморално е ако зад тоа има намера да се поттикне војна, да се заработи од продажба на оружје или да се ослободи од застареното. Значи, мотивацијата е таа што го одредува моралниот карактер на таквата одлука. Меѓутоа, одбраната од напади не е само дозволена, туку и израз на љубов кон својата земја, објасни Папата, повикувајќи на поинтензивно размислување за концептот на „праведна војна“.
Дијалогот со Кина
Светиот Отец ја истакна својата подготвеност за дијалог со Кина. Тој ја спомена работата на ватикаснко – кинсеската комисијата, оценувајќи дека таа функционира „добро, но бавно“. Кинескиот народ е бескрајно трпелив. Не е лесно да се разбере кинескиот менталитет, но мора да се почитува, рече Папата.
Состојбата на Западот
Запрашан за состојбата на Западот, Папата оцени дека тој не е во најдобра состојба, не на највисоко примерно ниво. Западот залута; размислуваме, на пример, на социјалната неправда што постои меѓу нас, рече Папата и додаде: има некои земји кои се развиле малку подалеку во однос на социјалната правда, но јас мислам на мојот континент Латинска Америка, која е Запад. Мислиме и на Медитеранот, кој е Запад: денес се најголемите гробишта, не на Европа, туку на човештвото. Тој како проблем го потенцираше тоа што Западот „заборави да ги прифати“ мигрантите и покрај тоа што се потребни луѓе, особено поради „демографската зима“.
Тој, исто така, предупреди на „опасноста од популизам“ и потребата Западот да се врати на вредностите на Европа, на вредностите на „големите“, основачите кои ја основаа Европската унија.
Никарагва
Помеѓу многу други прашања, Папата за прашањето за евтаназија рече: убивањето не е човечки и точка. Ако убивате со мотивација, на крајот ќе убивате сѐ повеќе и повеќе. Да го препуштиме убивањето на ѕверовите. Тој се осврна и на ситуацијата во Никарагва. Има дијалог и има потреба од решавање на проблемите. Светиот Отец изрази очекување барем на сестрите на Мајка Тереза да им биде дозволено да се вратат во земјава. Тие не се во војна со никого. Напротив, на сите ни требаат овие жени. Тоа (нивното протерување) е чин кој е тешко разбирлив… Но, се надеваме дека ќе се вратат, рече Папата.
Папата уште еднаш изрази надеж дека во февруари ќе може да ги посети Јужен Судан и Конго, патувањата кои мораше да ги одложи, а размислува и за посета на Бахреин.
Црквата во Европа
Зборувајќи за состојбата на Црквата во Европа, Папата рече дека во справувањето со духот на секуларизмот и релативизмот во едно општество, најважно е верата да се живее доследно. Црква чиј приоритет не е пастирската грижа не привлекува верници. Можеби треба да се модернизира, но секогаш мора да биде во рацете на пастирот, рече тој.
Гостопримството на Казахстан
Светиот Отец особено го пофали гостопримството на домаќините во Казахстан, додавајќи дека е изненаден од нивната волја за напредок, не само на економски, туку и на културен план. За „далекувидоста“ на тамошните власти говори и фактот што веќе две децении се залагаат за меѓуверски дијалог.
Ватикан њуз/к.мк