Папата: Склопувајте пристојни договори за работа, а не такви од кои се гладува

Папата: Склопувајте пристојни договори за работа, а не такви од кои се гладува

Трудот минува низ период на промени кој мора да се следи и неопходно е да се бори против сите форми на ропство и експлоатација. Ова Папата го истакна додека зборуваше пред членовите на Христијанското работничко движење, кои во петок 9 декември 2022 година ги прими во аудиенција. Ги охрабри да бидат квасец на правдата и солидарноста во италијанското општествено ткиво

Ви благодариме за доброто што е посеано во овие години од животот – со овие зборови им се обрати папата Фрањо на членовите на Христијанското работничко движење со кои се сретна во Ватикан како дел од прославата на 50 години активност на нивната организација, основана „со благослов“ на папата Павле VI. Ви благодариме – продолжи папата Фрањо – за посветеноста со која се ставивте во служба на италијанското општество преку активностите на формирање, клубови, покровителство, внимание на светот на работата во неговите различни аспекти, како и во граѓанската служба.

Прочистување и новa сеидба

Оваа годишнина, педесет години, може да биде можност – напомена Светиот Отец – да се погледне сопствената историја и да се продолжи во две насоки: кон прочистување и кон новa сеидба. Подготвеноста да се преобратиме, да дозволиме да се прочистиме, да го промениме својот живот, стил и слично, е знак на храброст, сила, а не слабост; тврдоглавоста е знак на слабост. Станува збор за прифаќање на новоста на Духот без поставување пречки: неопходно е да им се овозможи на младите да најдат простор, да се зачува и споделува духот на бесплатноста, да не се изгуби иницијативата за започнување давајќи им предност на смирувачките одлуки кои не помагаат да ја живееме новоста на времето.

Да се читаат знаците на времињата по трагите на Вториот ватикански собор

Затоа, охрабрувањето на Папата е повторно да се открие тој почетен занес, со поглед на новоста на времето.

Советот нè охрабри да ги читаме знаците на времето – и пред се ни даде пример – затоа, свесни за општествените промени, можете да се запрашате: како да бидеме денес верни на службата на работниците? Како да се живее обврската за еколошко преобраќање и помирување? Како да се анимира италијанското општество на економско, политичко и трудово поле, придонесувајќи за расудување според стандардите на целосна екологија и братство?

Сејачи на надеж во тешко време

Значи, станува збор за гледање напред, залагање за ново сеење кое е уште попотребно во тешкото и мрачно време низ кое живееме, прво пандемијата, а потоа и војната. Затоа сте повикани да бидете сејачи на надеж, особено во светот на работата – истакна Римскиот бискуп и нагласи дека е важно да се слушаат работниците и нивните проблеми внатре во во христијанските заедници.

Имено, работата минува низ период на промени кој треба да се следи. Општествени нееднаквости, облици на ропство и експлоатација, сиромаштво во семејствата поради недостаток на работа или слабо платена работа, се реалности кои треба да се слушнат во нашите црковни кругови. Тоа се, повеќе или помалку, форми на експлоатација; да ги именуваме со име… Ве охрабрувам да го отворите умот и срцето за работниците, особено ако се сиромашни и беспомошни; да им се даде глас на оние што немаат; да не се грижите толку за своите членови, туку да бидете квасец во општественото ткиво на државата, квасец на правдата и солидарноста.

Обновата доаѓа одоздола

Освен тоа, папата Фрањо препорача посебно внимание да се посвети на работата на жените и младите. Тоа е работа за која – како што рече – треба да се склучуваат достоинствени договори, а не такви од кои се гладува, што ќе овозможи и време и простор за одмор со семејството. Тој, исто така, забележа дека движењето се однесува на социјалното учење на Црквата, кое е насочено на принципите на солидарност и супсидијарност и потсети дека семејствата, задругите, компаниите и здруженијата се живото ткиво на општеството. Како што е наведено во енцикликата Fratelli tutti, бројни здруженија и граѓански организации помагаат да се компензираат слабостите на меѓународната заедница.

Трета светска војна, која е во тек, нè прави свесни дека обновата доаѓа одоздола, каде што односите се живеат во солидарност и доверба. Да не дозволиме да ни се одземе храброста на новите почетоци за помирување и братство.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот