Папата: Словото Божјо нѐ менува, ригидноста нѐ сокрива

Папата: Словото Божјо нѐ менува, ригидноста нѐ сокрива

Во третата недела од литургиската година, посветена на продлабочувањето на Светото Писмо, Папата служеше света Литургија во ватиканската базилика повикувајќи ги верниците да го откријат вистинското лице на Бога кое никогаш не е далечно и рамнодушно, туку секогаш блиску до човекот. За време на Литургијата, на верници од повеќе земји беше благословена службата лектор и катехист.

Светото Писмо не ни е дадено „да нè забавува“ или „да нè гали со ангелска духовност“; ниту пак Словото Божјо треба да нѐ повлече во сакралната религиозност, која се сведува на надворешн обожување, кое не го допира и не го преобразува животот, бидејќи тоа е идолопоклонство; во краен случај треба да бидеме турнати од себе за да ги запознаеме браќата и да се приближиме на нивните рани. Тоа се главните размислувања од проповедта на папата Фрањо на Литургијата во Неделата на Словото Божјо, која ја востанови со мотото на Aperuit Illis на 30 септември 2019 година, одредувајќи да се слави во третата недела од литургиската година.

За време на евхаристиското славење, во присуство на две илјади верници, во согласност со епидемиолошките мерки, Папата им ја довери службата лекторат на двајца мажи и службата катихист на шест жени со обред одобрен ad eksperimentum и само за оваа прилика. Ова е прв пат лаици да добијат лекторска служба. Папата им ја предаде Библијата, како знак на Божјото Слово што треба да се навестува. Ова е прва света Литургија на која катехисти беа воведени во службата и од папата Фрањо добија крст, како знак на верата во Христа. Во својата проповед, Папата се осврна на Евангелието наменето за Литургија, толкувајќи два аспекта на Божјото Слово: „Словото го открива Бога“ и „Словото нè води до човекот“.

Вистинското лице на Бога

Коментирајќи пасус од Книгата на пророкот Исаија во синагогата во Назарет, Исус објавува дека дошол за бедните и за ослободување на заробените – објасни Папата – и токму преку Светото Писмо ни го открива лицето Божјо; тој не е господар, кој се засолни на небото, туку Отец кој ги следи нашите чекори; не е ладен, далечен и рамнодушен набљудувач, математички Бог, туку Бог со нас, кој е многу заинтересиран за нашите животи, кој се грижи за сите нас. Близина; тоа е Божјата карактеристика – објасни Папата.

„Со таа близина, која е сочувствителна и нежна, сака да нѐ подигне од товарот што нѐ угнетува, сака да го стопли студот на твоите зими, сака да ги осветли твоите мрачни денови, сака да ги поддржи твоите несигурни чекори. И тоа го прави со своето Слово, со кое ти зборува за повторно да ја разгори надежта во пепелта на твоите стравови, да ти даде повторно да ја откриеш радоста во лавиринтите на твоите таги, да ја исполниш надеж со горчината на осаменоста“ – рече Папата.

Отстранете ги од себе лажните слики за Бог

Покрај вистинскиот опис на Бог, Папата поставува и голем број прашања што секој треба да си ги постави. Дали во нашите срца ја носиме оваа ослободителна слика на Бог, Бог близок до нас, сочувствителен, нежен Бог? Или го сметаме за строг судија, за строг цариник на нашите животи? Дали нашата вера раѓа надеж и радост или пак е оптоварена со страв? А, какво лице Божјо навестуваме во Црквата? Спасител кој ослободува и лекува или страшен Бог кој угнетува со чувства на вина?

Токму Словото Божјо ги открива одговорите – истакна Папата – бидејќи, раскажувајќи ни ја историјата на Божјата љубов кон нас, нè ослободува од стравовите и предрасудите за него, кои ја гасат радоста на верата.

Словото ги уништува лажните идоли, ги разоткрива нашите идеи, ги уништува премногу човечките претстави за Бога и нè враќа на неговото вистинско лице, на неговото милосрдие. Словото Божјо ја храни и ја обновува верата; да го вратиме во центарот на молитвата и духовниот живот! Словото нека биде во центарот, откривајќи ни каков е Бог. Слово кое нè приближува до Бога.

Словото Божјо го менува човекот

Од Словото Божјо произлегува движење, дејствување. Заминува на средба со Исусовите сиромашни. Исус не дојде да предаде список со правила или да одржи некое верско славење, туку излезе на улиците на светот за да се сретне со ранетото човештво, да ги помилува лицата издлабени од страдање, да ги излечи скршените срца, да нѐ ослободи од оковите што ги затвораат нашите души – рече Папата и истакна дека тоа е најомилената Божја побожност: грижата за другите.

Во време кога во Црквата има искушенија за крутост, што е изопаченост, и кога се верува дека да се најде Бог значи да се стане поригиден, со повеќе правила, правилни, јасни работи… Тоа не е така – истакна Папата. Кога гледаме крути предлози, ригидност, веднаш мислиме дека тоа е идол, тоа не е Бог. Нашиот Бог не е таков.

Вкочанетоста не нè менува – додаде тој – но Словото го прави тоа, продирајќи во душата како меч. Од една страна нè теши, откривајќи ни го лицето Божјо, од друга страна нè предизвикува и потресува, враќајќи нè на нашите противречности. Нѐ става во криза. Словото Божјо не нè остава на мир – забележа Папата – особено ако цената на тој мир ја плаќа светот измачен од неправда и глад, кога најслабите секогаш плаќаат. При тоа потсети колку луѓе загинаа во морето, бидејќи не можеа да стигнат до некоја друга земја како би побарале подобра иднина.

Напротив, Божјото Слово нè повикува да излеземе на отворено, да не се криеме зад слоевитоста на проблеми, зад зборовите како „ништо не може да се направи“ или „тоа е нивен проблем“. Нè поттикнува да дејствуваме, да го обединиме обожавањето на Бога и грижата за човекот. Папата нѐ повикува да не бидеме ригидни, да внимаваме на современиот пелагијанизам, кој е едно од искушенијата на Црквата, како и на гностичките духовни движења и гностицизмот, кои предлагаат отуѓувачко Божјо слово што нè оддалечува од реалноста.

Секојдневниот живот и потребите на другите

Словото што стана тело сака да стане тело во нас – објасни Папата – воведувајќи нè во секојдневниот живот, слушајќи ги страдањата на другите, плачот на сиромашните, насилството и неправдата што го повредуваат општеството и планетата. За да ја нагласи важноста да се живее Божјото Слово во ова време, папата Фрањо ја спомна француската мистичарка Маделин Делбрел, која околностите на секојдневниот живот и потребите на другите ги нарече „акустика што Божјата Слово ги бара од нас“.

Проповедајте го Евангелието и применувајте го во пракса

На крајот, папата Фрањо се осврна на задачата на читателот и катехистот, а тоа е да го проповеда Евангелието, а со тоа и Божјото Слово. Тој истакна дека ова е послание кое им припаѓа на сите и поттикна повторно да дозволиме Словото да влезе во нашата внатрешност, откривајќи ја Божјата новост и нè наведува да ги сакаме другите без да се умориме. Папата ги охрабри и верниците да го стават Божјото Слово во центарот на пасторалот и животот на Црквата, да го слушаат, да се молат и да го спроведуваат во животот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот