Папата се сретна со ученици од училишта на Исусовците
Ватикан, 09.06.2013 /к.мк/ – На средбата на папата Фрањо со учениците на исусовските училишта од Италија и Албанија, одржана во петокот на 7 јуни во салата Павле VI во Ватикан, владееше радост, едноставност и возбуда. Го подготвив текстот, рече Папата, но тоа се пет страници! Помалку здодевно, додаде и предложи да направи кусо резиме, а целиот говор да им го предаде во писмена форма. Така и направи, пренесува Радио Ватикан.
Потоа, започна разговор со учениците кои му поставија неколку прашања. Ги охрабри да не се плашат од неуспех. Не плашете се од порази. Тоа што е значајно не е да не паднеме, туку да не останеме на земја. Веднаш треба да се стане и да се продолжи со чекорењето. Тоа е убаво; тоа значи да се чекори човечки, објасни светиот Отец забележувајќи при тоа дека е грдо и здодевно да се чекори сам. Од голема помош ни е ако чекориме со пријателите, со оние кои не сакаат; тоа ни помага да стигнеме до целта до која треба да дојдеме.
На прашањето на едно момче дали имал желба да стане Папа, Светиот Отец одговори дека личноста која сака да стане папа не се сака, па така ни тој не ја имал таа желба. А што го поттикнало да стане исусовец, беше пак прашањето на едно девојче. Тоа што мене најмногу ми се допадна во таа Дружба, одговори папата Фрањо, е мисионерството и сакав да станам мисионер. Да одам надвор, да одам во мисии навестувајќи го Исус Христос, а не останувајќи затворен во своите структури: мислам дека токму тоа е дел од нашата духовност, кажа Светиот Отец.
Напоменувајќи потоа дека во Апостолската палата не се преселил за да не биде сам, помалку изолиран од останатите, па и не сакал автомобил за да не поседува многу нешта и станувајќи помалку сиромашен, Папата се осврна на сиромаштијата која владее во светот, за која рече дека е скандал. Во светот во кој постојат многу богатства, бројни извори од кои може да се нахранат сите луѓе несфатливо е дека има гладни деца, деца без образование, толку сиромашни. Сиромаштијата денес е крик, истакна папата Фрањо. На прашањето на една девојка за кризата во Италија, Светиот Отец забележа дека целиот свет во овој момент е во криза. Но, според неговите зборови ниту кризата не е грда работа. Заради неа страдаме, но би требале сите, а особено вие младите да знаете да ја протолкувате кризата. Што значи оваа криза? Што можам јас да сторам да излеземе од неа? Кризата која ја живееме е голема човечка криза. Се вели дека тоа е економска криза, криза на работата… Но, зошто тоа е така, праша Папата. Затоа што проблемите сврзани со работата, проблемите во економијата, се голем човечки проблем. Денес во криза е вредноста на човековата личност, затоа ние неа треба да ја заштитиме. Станува збор за криза на личноста, додаде Светиот Отец. Денес личноста не е важна, важни се парите. А Исус, Бог, светот и се што е создадено и го дал на личноста, на мажот и на жената, да се грижат за него. Не им го дал на парите. А личноста е во криза затоа што денес таа е роб, истакна Папата и додаде дека треба да се ослободиме од тие економски и општествени структури кои од луѓето прават робови.
Улогата на христијаните во политиката беше прашање на еден професор на кое папа Фрањо одговори истакнувајќи дека за христијанинот е обврска да се вклучи во политиката. Ние, христијаните не можеме да си играме Пилат и да си ги измиеме рацете. Треба да се вмешаме во политиката бидејќи таа е една од највисоките облици на љубов, затоа што залага за општо добро. Лаиците христијани треба да учествуваат во политиката, напомена Папата. (превод: Е.Абјаниќ)