Папата Фрањо потсети на 41 жртва на бродоломот кај италијанскиот остров Лампедуза каде минатата недела потона брод со мигранти. Тој ги повика сите политички и дипломатски актери да покажат солидарност во спасувањето и помагањето на мигрантите и спречување на вакви трагедии.
По молитвата Ангел Господов, папата Фрањо потсети на трагичната бродска несреќа на крајот на минатата недела при што животот го загубија четириесет и едно лице.
Ги спомнав во моите молитви, рече Папата и продолжи: „Со болка и срам мораме да кажеме дека од почетокот на годината речиси две илјади мажи, жени и деца ги загубија животите во тоа море обидувајќи се да стигнат до Европа“.
„Тоа е отворена рана на нашата човечност. Ги поддржувам политичките и дипломатските напори кои се обидуваат да помогнат во духот на солидарноста и братството, како и напорите на сите оние кои работат на спречување на бродоломи и спасување мигранти“.
Меѓународната организација за миграција на Обединетите нации (ИОМ) го опишува Централниот Медитеран како еден од најактивните и најопасните миграциски патишта на глобално ниво/ ИОМ, заедно со организациите УНХЦР и УНИЦЕФ, повикуваат на координирани механизми за пребарување и спасување и апелираат до државите да ги зголемат ресурсите и капацитетите за да ги исполнат своите одговорности и должности.
Ватикан њуз/к.мк