Папата Фрањо со голема тага ја прими веста за трагичната загуба на човечките животи во земјотресот кој го погоди Папуа Нова Гвинеја – е истакнато во телеграмата со сочувство која ја потпиша Папскиот државен секретар кардиналот Пиетро Паролин.
Душите на жртвите Светиот Отец ги доверува на Божјото милосрдие, а на нивните семејства им изразува најискрено сочувство. На сите кои ги погоди таа несреќа Папата им ја гарантира својата близина во молитвата. Освен тоа папата Фрањо повика Божји благослов и сила за утеха на сите кои се ожалостени во тие моменти на искушение, како и на оние кои се ангажираат во операциите за спасување.
Според привремените податоци загинаа повеќе од 100 луѓе
Земјотресот со јачина од 7,5 степени според Рихтер уништи цели населби и инфраструктурата, и направи стотина одрони кои ги блокираа улиците на планинските подрачја – известува Меѓународниот црвен крст, наведувајќи податоци од покраинските власти. Повеќе од илјада луѓе останаат без кров над главата, потврдено е дека загинале повеќе од 100 луѓе, но можно е тој број да биде многу поголем. Над стотина се повредени. Целата таа трагична ситуација ја отежнува – како што јавува агенцијата ANSA – неопходниот прекин на најголемиот проект за развој во таа земја, а тоа е вадењето на течен гас, кој го врши американскиот гигант ExxonMobil. Објектите заради оштетувањето нема да работат неколку месеци, а тоа ќе има сериозни последици на економијата – предупреди премиерот Петер О Неил.
Пречки во спасувањето. Недостасува храна и питка вода
Во меѓувреме, напорите во спасувањето полека напредуваат со повеќе милиони долари помош добиени од владата, од спомнатата американска компанија ExxonMobil, и од австралиските претпријатија Oil Search и Santos кои учествуваат во проектот. Освен тоа австралиските и новозеландските воени единици делат помош, додека владата и Црвениот крст од Кина ветија финансиска помош. И една недела по првиот земјотрес спасувачките екипи наидуваат на логистички пречки заради одалеченоста на погодените подрачја; затоа повеќе каритативни агенции се подготвуваат за достава со помош на авионски пат. Земјотресот ги уништи градините на стотина илјади луѓе, а одроните ги блокираа и ги загадија реките од каде населението земаше вода. За обнова на улиците, мостовите, училиштата и болниците ќе треба повеќе години.
Земја погодена од земјотреци и цунами
Спомнуваме на крајот дека чести се земјотресите во Папуа Нова Гвинеја, која се наоѓа внатре во „огнениот прстен“, подрачја со високи сеизмички и вулкански активности околу рабовите на Тихиот океан. Делот од северниот брег во 1998 година го уништи цунами, поттикнат од земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтер, во кој загинаа 2200 луѓе.
РВ/к.мк