Папата се заблагодари на Неокатехуменската заедница: Продолжете да одите обединети без да се затворате
Папата Лав XIV ги прими на аудиенција водачите на Неокатехуменската заедница, црковна реалност присутна низ целиот свет. Основачот, Кико Аргело, беше присутен, како и семејства кои се на мисија на пет континенти. Светиот Отец им се заблагодари, ги охрабри да евангелизираат и да ги придружуваат поединците и заедниците. Исто така, ги предупреди да не се одвојуваат од остатокот од црковното тело и да избегнуваат ригидност и морализам.
Папата Лав XIV во понеделник 19 јануари 2026 година, ги прими членовите на Неокатехуменскиот пат и Меѓународниот тим, Кико Аргела, Марија Асенсион Ромеро и дон Марио Пеци. На посебен начин, покрај форматорите и катехистите, Папата ја изрази својата благодарност до семејствата кои, прифаќајќи го внатрешниот импулс на Духот, ја напуштаат сигурноста на секојдневниот живот и одат во послание, дури и во оддалечени и тешки подрачја, со единствена цел да го проповедаат Евангелието и да бидат сведоци на Божјата љубов.
Проповедање на Евангелието
Тој нагласи дека присутните семејства се „израз на мисионерски копнеж и желба што секогаш мора да ја вдахновува целата Црква: да го проповеда Евангелието на целиот свет, за сите да го познаат Христос“.
Потоа додаде дека токму оваа желба отсекогаш го вдахновува и продолжува да го храни животот на Неокатехуменскиот пат, неговата харизма и неговото дело на евангелизација и катехеза, кои се драгоцен придонес во животот на Црквата. На сите, особено на оние кои се оддалечиле или чија вера ослабнала, Патот нуди можност за духовно патување преку кое повторно се открива смислата на крштевањето, за да можат да го препознаат примениот дар на благодатта и повикот да бидат ученици Господови и негови сведоци во светот.
Харизми во служба на Црквата
Живеењето на искуството на Неокатехуменскиот пат и продолжувањето на мисијата бара и внатрешна будност и разумна критичка способност за препознавање на ризиците што секогаш се присутни во духовниот и црковниот живот – рече Папата, додавајќи: Харизмите секогаш мора да бидат ставени во служба на Царството Божјо и на едната Христова Црква, во која ниеден Божји дар не е поважен од другите – освен љубовта, која ги усовршува и хармонизира сите – и ниедна служба не смее да стане причина некој да се чувствува подобро од своите браќа или да ги исклучи оние што мислат поинаку.
Сведоци на единството
Затоа Папата ги повика и оние кои го сретнале Господ и го следат на Неокатехуменскиот пат да бидат сведоци на ова единство. Вашата мисија е посебна, но не ексклузивна – истакна тој – вашата харизма е специфична, но таа раѓа плодови во заедништво со другите дарови присутни во животот на Црквата; доброто што го правите е големо, но неговата цел е да им овозможи на луѓето да го познаат Христос, секогаш почитувајќи го животниот пат и совеста на секој поединец.
Како чувари на ова единство во Духот, тој ги охрабри да ја живеат својата духовност и никогаш да не се одвојуваат од остатокот од Телото на Црквата, како жив дел од редовната пастирска грижа на парохиите и нивните различни реалности, во целосно заедништво со своите браќа, особено свештениците и епископите.
Препораки и охрабрување
Црквата ве придружува, ве поддржува и е благодарна за сè што правите. Во исто време, таа ги потсетува сите дека „каде што е Духот Господов, таму е слободата“. Затоа, проповедањето на Евангелието, катехезата и различните форми на пастирско делување секогаш мора да бидат ослободени од принуда, ригидност и морализирање, за да не предизвикаат чувство на вина и страв наместо внатрешно ослободување – заклучи Светиот Отец, заблагодарувајќи им се на неокатехумените за нивната посветеност, радосно сведоштво и служба во Црквата и во светот.
Ватикан њуз/к.мк

