Папата: Секој странец е прилика за средба со Христос

Папата: Секој странец е прилика за средба со Христос

Секој странец кој чука на вашата врата е прилика за средба со Исус Христос – напиша папата Фрањо во својата порака која ја објави на Твитер, по повод Меѓународниот ден на мигрантите, а мигрантите и бегалците посебно му се на срцето.

Како што истакна во својата порака за Светскиот ден на мигрантите и бегалците за 2018 година, станува збор за средба со Исус Христос Кој се поистоветува со примен и отфрлен странец во секое време (Матеј 25, 35-43)

Господ го доверува на мајчинската љубов на Црквата секој човек кој е присилен да ја напушти својата татковина во потрагата за подобра иднина – продолжи Светиот Отец. Таа солидарност мора конкретно да се изразува во секоја етапа од миграциското искуство: од тргнувањето на патувањето до доаѓањето до дестинацијата и враќањето. Тоа е голема одговорност која Црквата сака да ја сподели со сите верници, мажи и жени со добра волја, кои се повикани да одговорат на бројните предизвици на денешната миграција со великодушност, спремност, мудрост и предвидливост, секој според сопствените можности – напиша Папата, потврдувајќи дека нашиот заеднички одговор може да се обликува со четири глаголи: прифаќа, заштитува, промовира и интегрира.

Тој спомна дека Генералното собрание на ООН во 2000 година 18 декември го прогласи за Меѓународен ден на мигрантите. Имено, на тој ден во 1990 година е усвоена Конвенцијата за заштита на правата на работниците мигранти и на членовите на нивните семејства. Со одбележувањето на Меѓународниот ден на мигрантите, се потсетува на значајниот придонес кој мигрантите го даваат на економиите на своите земји и на земјите во кои мигрираат, и се нагласува важноста за почитувањето на нивните човекови права и обезбедувањето на условите на живот достојни за човекот. Бројот на мигрантите во светот постојано расте, а според податоците на ООН, од околу 250 милиони луѓе кои живеат надвор од своите земји, голем број немаат пристап до основните социјални права.

Додаваме на крајот дека темата за овогодинешниот Меѓународен ден на мигрантите гласи: „Сигурна миграција во светот во движење.“

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот