Папата: Светоста не може да се купи ниту да се продаде
Треба непорочно да се оди во Божјото присуство – поттикна папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 24 мај 2016 година. За да се оди по патот на светоста, срцето треба храбро да се надева, постојано да се преиспитува и понизно да се отвора за Божјите милости.
Светоста не се купува, ниту со човечки сили може да се оствари. Едноставната светост на сите христијани, нашата која треба да се остварува секој ден е остварлива ако ја поддржуваат четири многу важни фактори: храброста, надежта, милоста и преобраќањето – истакна Папата.
Храбро одење
Зборувајќи за делот од Првото Послание на светиот апостол Петар кое го нарече „мала расправа за светоста“, Папата рече дека светоста е пред сè „непорочно одење во Божјото присуство“. Тоа одење: светоста не може да се купи, не се продава, ниту може да се подари. Светоста е моето одење во Божјото присуство, тоа никој не може да го направи во моо име. Можам да молам за светост за друг човек, но тој човек мора да оди по патот на светоста, а не јас наместо него. Треба непорочно да се оди во Божјото присуство. Денес ќе ви наведам зборови кои нè поучуваат каква е секојдневната, да кажеме, анонимната светост. На прво место е храброста, одењето кон светоста бара смелост – рече Папата.
Надеж и милост
Исусовото небесно царство е за оние кои сакаат храбро да одат напред, а надежта ја движи храброста. Надежта пак е вториот збор на патот кон светоста. Храброста која се надева на средбата со Исус. Потоа следува третиот фактор, а свети Петар го наведува кога вели: Доверете се во милоста – рече Папата додавајќи:
Сами не можеме да ја оствариме светоста. Не, светоста е милост. Да се биде добар, свет, секој ден да се напредува во христијанскиот живот тоа е милост Божја и мораме да ја измолиме. Светоста е пат по кој треба храбро да одиме, со надеж и расположение да се прифати Божјата милост. А надежта: надежта оди. Многу е убава единаесетата глава од Посланието до Евреите, читајте го. Го опишува одењето на нашите татковци кои Бог први ги повикал, како оделе напред, а за Авраам вели: Отишол иако не знаел каде оди, но се надевал – рече Папата.
Секојдневно преобраќање
Свети Петар во Првото Послание ја нагласува важноста на четвртиот фактор кога своите соговорници ги повикува да не се обликуваат „според гнасните похоти.“ Тој всушност ги поттикнува секој ден одвантре да го менуваат срцето. Тоа е преобраќање, секој ден да направиме една мала промена. Ако успеваш да не го озборуваш другиот веќе си на пат да станеш свет. Многу едноставно. Јас знам дека вие никогаш не ги озборувате другите, нели? Ситници… Кога сакате да ги озборувате соседите, колегата на работа треба малку да се гризнете за јазик. Јазикот ќе се издува, но духот на патот на светоста ќе биде посвет. Големи покори не се потребни, не многу е едноставно. Патот на светоста е едноставен. Не треба да се враќате назад, туку храбро да одите напред – заврши Папата.
РВ/к.мк