Папата: Сатаната стои зад секој прогон

Папата: Сатаната стои зад секој прогон

Светиот Отец во проповедта која ја одржа на светата Литургија, на 1 јуни 2018 година, во домот Света Марта размислуваше за прогонот на христијаните, но и на секој маж и жена преку патот на културата на колонизација, војната, гладот и ропството.

Денес сме сведоци на „голем прогон“ не само на христијаните, туку и на секој маж и жена, преку културата на колонизација, војната, гладот и ропството. Нека Господ ни даде благодат да се бориме и да го обновиме со силата на Исус Христос, Божјиот образ кој е во сите нас – истакна папата Фрањо на светата Литургија, во домот Света Марта на 1 јуни 2018 година.

Прогонството дел од христијанскиот живот

Свртувајќи го вниманието на денешното прво читање, односно на Првото Послание на свети Петар во кое се посочува дека прогонот на христијаните  „беснее“ како „пожар“, Светиот Отец објасни дека прогонствата се дел од христијанскиот живот.

Прогонот е како „воздух“ во кој христијаните живеат и денес; бројни се мачениците, многу се прогонети заради љубовта кон Христос – рече папата Фрањо и продолжи:  Бројни се земјите во кои христијаните немаат права. Ако носиш крст одиш во затвор. Луѓето се во затвори. Денес постојат луѓе кои се осудени на смрт само затоа што се христијани. Бројот на убиените е поголем отколку бројот на мачениците во првите времиња – предупреди Светиот Отец додавајќи дека телевизиите и весниците не известуваат за тоа, но христијаните се прогонуваат.

Прогон на човекот, образот Божји

Потоа Папата истакна дека денес постои друг вид на прогон: прогон на секој маж и жена затоа што се жив образ Божји. Зад секој прогон, како на христијаните, така и на било кое човечко суштество се наоѓа сатаната која се обидува да го уништи исповедувањето на Христос во христијаните, тој Божји образ во мажите и жените – рече папата Фрањо и продолжи: Од почетокот настојува да го оствари тоа, како што можеме да прочитаме во Книгата Битие, да се уништи таа хармонија помеѓу мажот и жената кои ги создаде Господ, таа хармонија која произлегува од тоа дека сме образ и подобие Божјо. И успева во тоа. Тоа успева да го оствари со измама, заведување, оружјето кое тој го користи. Секогаш така постапува. Но и денес постои сила, би рекол бес против мажот и жената, инаку не би можел да се објасни тој растечки бран на уништување на мажот и жената, уништување на човекот – рече Светиот Отец.

Сатаната како татко на прогонот

Папата го опиша гладот како неправда кој ги уништува мажите и жените затоа што тие немаат што да јадат, дури иако постои толку храна во светот. Потоа зборуваше за експлоатацијата на луѓето, за разните облици на ропство и потсети дека неодамна гледал филм кој е „тајно“ снимен во еден затвор. Во него се затворени мигранти кои се подложени на мачење, облици на уништување правејќи ги робови. Предупредувајќи дека тоа се случува 70 години од Декларацијата за човекови права.

Размислувајќи потоа за културната колонизација кога империјалистите наметнуваат своја култура против независноста, против културата на народот, наметнуваат нечовечки работи за да уништат. Папата Фрањо рече дека целта на сатаната е токму уништување на достоинството и заради тоа прогонува.

Можеме да размислуваме за војните како инструменти за уништување на луѓето, на Божјиот образ – рече Папата и продолжи: Меѓутоа постојат луѓе кои водат војни, кои ги планираат за да владеат над другите. Има луѓе кои ја промовираат индустријата на оружје за да го уништат човештвото, за да ја уништат сликата на мажот и жената и физички и морално и културно. Светиот Отец рече дека ѓаволот ги прогонува луѓето дури и ако не се христијани затоа што се создадени на образ и подобие Божјо.

Не смееме да бидеме наивни. Во денешниот свет не се прогонуваат само христијаните, туку сите луѓе затоа што таткото на секој прогон не поднесува затоа што се образ и подобие Божјо. Тој затоа напаѓа и го уништува тој образ. Тоа не е лесно да се разбере и потребно е многу да молиме за тоа да го сфатиме – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

 

Категорија: Uncategorized, Ватикан, Вести

За авторот