Папата ракоположи десет нови свештеници: Бидете пастири, а не функционери

Ватикан, 21.4.2013 /к.мк/ -По повод прославата на 50 светски ден на молитвата за духовни позиви, кој е со тема „Позивите се знак на надежта втемелени на верата“, папата Фрањо во неделата 21 април посвети десет ѓакони за свештеници

Бидете милосрдни, бидете пастири, а не функционери. Така Папата Фрањо се обрати кон десетте нови свештеници кои беа ракоположени од папата Фрањо на Литургијата во базиликата Свети Петар во Рим. Пред светата Литургијата, како што Папата имал обичај да прави како архиепископ во Буенос Аирес, заедно со идните свештеници се помоли во сакристијата, доверувајќи ги на Пресвета Богородица. На олтарот заедно со Папата служеа кардиналот – викар на римската бискупија Агостино Валини и викарните епископи од епархијата.

Во проповедта Папата им посочи на новите свештеници за суштината на нивното идно послание. Вие сте избрани од Исус, за да помогнете во изградбата на Телото Христово, рече Светиот Отец. „Подарите им го на сите Божјото Слово, кое вие го примивте со радост. Потсетете се на вашите мајки, баби и катехисти кои ви го предале Словото Божјо и дарот на верата“!

Оттука и повикот за „постојано да го читаат и да размислуваат за Божјото Слово“, за да поверуваат во него, да го пренесуваат и да го живеат она што тоа нè учи: „Не заборавајте дека Словото Божјо не е ваша сопственост: тоа е Божјо Слово, а Црквата е негов чувар“, истакна папата Фрањо.

„Исповедајте го она што го правите – додаде Папата – наследувајте го она што го славите во Литургијата, бидејќи служењето на таинството за смртта и воскресението на Господ врз себе ја земате Христовата смрт и обновени одите по Неговиот пат. Преку светата Тајна Крштение ќе придобиете нови верници кон Божјиот народ. Преку светата Тајна Покајание ќе откупувате гревови во името на Христос и Црквата“.

„Денес – продолжи Папата – ве молам во името на Христос и Црквата: бидете секогаш милосрдни. Со елејот на Елеопомазанието ќе ги зајакнете болните и возрасните: не срамете се да бидете нежни со возрасните“.

На крајот папата Фрањо ги повика новите презвитери да ја вршат свештеничката служба со радост и милосрдие, во името на Бога, а не за свое име: „Бидете пастири, а не функционери. Бидете посредници, а не обични претставници… Секогаш имајте го пред вас примерот на Добриот Пастир, кој не дојде за да Му служат, туку да за го спаси загубеното“.

Неоереите доаѓаат од следните семинарии: четворица од „Големата Римска семинарија“ (Romano Maggiore), четворица од колегиумот „Мајка Откупителка“ (Redemptoris Mater) и двајца од семинаријата „Богородица на Божјата љубов“ (della Madonna del Divino Amore). Еден од нив, Иван Младинео, својата пасторална пракса ја помина во мисијата Ад Генетес во Куманово.

Категорија: Ватикан

За авторот

Write a Comment

<