Папата Фрањо ги поздрави словачките ходочасници и ги охрабри да негуваат култура на средба и прифаќање, особено во „трагичниот контекст на војната“, каде што многу украински бегалци доаѓаат на нивниот праг.
„Во срцето ги носам нашите средби од минатиот септември во Братислава, Прешов, Кошице и во националното светилиште на Пресвета Богородица од седумте таги во Шаштин. Беше големо задоволство да се види како Црквата во Словачка живее во богатство од разновидност на обреди и традиции, како мост што ги поврзува Западот и христијанскиот Исток. Му благодариме на Господа затоа што, и покрај пандемијата, можев да ја посетам вашата земја; Бог нека направи да созреат плодовите на апостолското патување!“
Со овие зборови папата Фрањо ги поздрави ходочасниците во сабота 30 април 2022 година, кои беа околу 2.500. Словачките ходочасници со задоволство доаѓаат во Рим, истакна Папата, кој тоа го забележа на Генералните аудиенции. „Вашиот народ е многу поврзан со седиштето на светите Петар и Павле!
Културата на средба
Светиот Отец на средбата истакна дека сака да ги поттикне ходочасниците да чекорат во стилот на средбата, сите заедно. Културата на средба се гради со потрагата по хармонија меѓу различностите, хармонија која бара прифаќање, отвореност и креативност, рече тој, додавајќи дека во коренот на тој начин на живот е евангелието, Светиот Дух.
„Но, знаеме дека во историјата и во конкретниот живот, оваа хармонија понекогаш е нарушена од нашите гревови и нашите ограничувања. Затоа при мојата посета се помоливме и за оздравување на раните. Препорачувам: не се уморувајте да го повикувате Светиот Дух, кој е Создател на хармонијата и мелем на раните!“
Прием на вратите
Папата додаде дека дознал за големиот тепих што бил поставен на бината за време на неговата средба со ромската заедница во Кошице, кој потоа бил исечен и поделен на семејствата во соседството и „служи како добредојде на вратата на секоја куќа“. Како гостин во Словачка бев пречекан со леб и сол – солта на прифаќањето која се однесува на онаа сол од Евангелието, истакна тој.
Во последно време Словаците уште еднаш покажаа прифаќање, овој пат во „трагичен контекст на војната“, примајќи бројни бегалци од соседна Украина.
„Гледајќи во нивните очи, вие сте сведоци како војната ги нарушува семејните врски, ги лишува децата од присуството на татковци, училишта и ги остава бабите и дедовците напуштени. Ве повикувам да продолжите да се молите и да работите за мирот што се гради во нашиот секојдневен живот, дури и со овие гестови на милосрдие“.
Папата додаде дека солидарноста на словачкиот народ се протега надвор од европскиот континент, стигнувајќи до далечни места, како што е Куба.
Чин на љубов и вера
Оној што прима човек во неволја, не само што прави чин на љубов, туку и на вера, нагласи тој, затоа што го препознава Исус во својот брат и сестра. Папата Фрањо ги поттикна нивната сол на прифаќање никогаш да не го изгуби вкусот и секогаш да црпат животна сила од корените. Тој ги повика секогаш да го чуваат и негуваат наследството на светите Кирил и Методиј и да градат мостови на братство заедно со сите народи кои се хранат од истите корени на евангелизација во Европа.
Верност кон Христа
Своето обраќање Папата го заврши со благодарност до ходочасниците, „драгите пријатели“, за нивната верност кон Христа која се покажува преку сведочењето на живата вера, во практичниот екуменизам на односите со соседите, во милосрдието за прифаќање, дури и оние кои се различни, во почитување на секој човечки живот и одговорна грижа за животната средина.
Светиот Отец ги довери на нивната заштитничка Богородица на седумте таги, која како Мајка секогаш ги придружува на нивниот пат и ги учи да утешуваат и да носат надеж – надеж која не разочарува и има име: Воскреснатиот Христос.
Ватикан њуз/к.мк