Папата: Постојат три облици на сиромаштво

Папата: Постојат три облици на сиромаштво

Во проповедта на утринската Литургија на 18 октомври 2018 година, која папата Фрањо ја служеше во домот Света Марта во Ватикан, зборуваше за три облици на сиромаштво во животот на христијанинот, и повторно истакна дека и денес има многу христијани кои се прогонувани заради Евангелието.

Три облици на сиромаштво на кој е повикан секој ученик, тоа е во центарот на проповедта на Папата. Првото е да ги остави сите богатства, да не биде со срцето приврзан за парите; вторто е заради Евангелието да се прифатат прогонства, па и клевети; а третото сиромаштво е осаменоста, чувството на осаменост на крајот од животот.

Ученикот нека биде сиромашен, со срцето далеку од богатството

Првото сиромаштво од христијанинот бара да биде одводен од парите и богатството, тоа е условот за да се биде ученик. Тоа значи да се има сиромашно срце – истакна Папата и предупреди: Ако во апостолската работа се неопходни структури или организации, кои изгледаат како знак на богатство, добро е да се користат, но да се биде одвоен од нив. Ако сакаш да го наследуваш Господ, одбери го патот на сиромаштво, а ако имаш богатство, Господ ти го дава за да би служел на другите, твоето срце треба да биде одвоено од нив. Ученикот не треба да се плаши од сиромаштвото; напротив треба да биде сиромашен – истакна папата Фрањо.

Сиромаштво: Да се прифати прогонство заради Евангелието

Вториот облик на сиромаштво е прогонството. Во делот од светото Евангелие според Лука кое го слушнавме во денешната Литургија, Господ ги праќа учениците како јагниња меѓу волци. И денес има многу христијани кои се прогонувани и клеветени заради Евангелието – напомена Папата и го даде примерот на младото момче, за кое вчера на синодата зборуваше еден епископ од земја во која се прогонуваат христијаните.

Тоа младо момче, католик, е фатен од една група врсници, фундаменталисти, кои ја мразат Црквата. Тие најпрво го претепале, па го фрлиле во цистерна, а потоа го фрлиле во кал сѐ додека не потонал до вратот. Тогаш му кажале: Последен пат те прашуваме, дали се откажуваш од Исус? На неговиот негативен одговор фрлиле врз него камен и го убиле. Тоа не се случило во првите столетија, туку пред два месеца – истакна Светиот Отец.

Потоа зборуваше и за другите облици на прогонства: за прогонството со клевета, озборување, но христијанинот молчи, го поднесува тоа „сиромаштво“. Понекогаш е потребно е да се браниме како не би дојдело до скандал… – забележа Папата и ги спомна ситните прогонства во градските населби, во парохиите. Тоа се мали прогонства, но се доказ за сиромаштво. Тоа е друг начин на сиромаштво, кое го бара од нас Господ; понизно да ги прифатиме и поднесуваме прогонствата.

Сиромаштво: Чувството на напуштеност

Третиот облик на сиромаштво е осаменоста, напуштеноста. Пример за тоа ни дава денешното прво литургиско читање, земено од Второто послание на свети апостол Павле до Тимотеј, во кое „големиот Павле“, кој од ништо не се плашел, вели дека за неговите први одбрани никој  не бил покрај него, ниту пак некој му помогнал, сите го напуштиле. Но додава дека Господ останал покрај него и му дал сила.

Така Папата се осврна на таа напуштеност на ученикот, која може да се случи – како што рече – на некое момче или девојка од 17 ил 20 години, кои воодушевено ги напуштаат богатствата како би го наследувале Исус, потоа храбро и верно ги поднесуваат клеветите, секојдневните прогонства и љубомори, малите и големите прогонства, а на крајот Господ од нив може уште и да бара и осаменост – напомена Папата.

Мислам на најголемиот човек од човечкиот род, а тој наслов доаѓа од Исусовата уста: Иван Крстител, најголем кој е роден од жена. Голем проповедник; луѓето доаѓале кај него за да ги крсти. И како завршил? Сам, во затвор – рече Папата и додаде: Замислете какви се денеска затворските ќелии, а какви биле во она време. Останал сам, заборавен, убиен поради слабоста на еден цар, поради омразата на една прељубничка и пркосот на една девојка. Така завршил најголемиот човек во историјата. Но не треба да одиме далеку – истакна Папата – често во домовите за стари лица, свештеници или чесни сестри кои својот живот го потрошиле за проповедување, се чувствуваат сами, сами со Гспод, никој не се сеќава на нив.

Сите ученици треба да знаат да минуваат по патот на сиромаштво

Еден облик на сиромаштво Исус му ветува на самиот Петар, кога му вели: „Кога беше помлад, сам се опашуваше и одеше каде што сакаше; кога ќе остариш, ќе ги рашириш рацете свои, и друг ќе те опаше и поведе на каде што нејќеш.” Ученикот е сиромашен во таа смисла, што не е приврзан на богатствата, и тоа е првиот чекор. Сиромашен, бидејќи е трпелив за малите и големите прогонства и третиот чекор – повтори Папата – е сиромашен, бидејќи влегува во онаа состојба на душата кога се чувствува напуштен на крајот од животот. Самиот Исусов пат завршува со молитва до Отецот: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?” – рече Папата на крајот и ги поттикна сите да се молат за сите ученици: свештениците, чесните сестри, епископите, Папата, лаиците, за да знаат да го поминат патот на сиромаштво, онака како што сака Господ.

Ватиканњуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот