Папата: Спортот може да изгради мостови на мир во светот

Папата: Спортот може да изгради мостови на мир во светот

На средбата во сабота, 13 јануари 2024 година, со членовите на спортското друштво Атлетика Ватикана и нивните семејства, папата Фрањо изрази надеж дека духот на спортот ќе придонесе за мирот, особено во оваа олимписка и параолимписка година, во свет во кој војни се наѕираат на сите хоризонти.

Префектот на Дикастеријата за култура и образование, кардинал Хозе Толентино Калача де Мендонча, кој, според Апостолската конституција Praedicate Evangelium се грижи за дијалог со љубителите на спортот, за и тие да се запознаат и да се чувствуваат признати од Црквата „како личности во служба на искрено барање на вистинското, доброто и убавото“ (бр. 154), како што потсети на почетокот на аудиенцијата Папата кој ја објави конституцијата пред две години.

Истакнувајќи дека Олимписките и Параолимписките игри ќе се одржат во 2024 година, Светиот Отец ја истакна вредноста на „олимпиското примирје“. „Се надевам дека, во особено мрачен историски момент што го живееме, спортот може да изгради мостови, да урне пречки, да ги промовира врските на мирот“, рече Папата.

„Атлетика Ватикана“, основана пред пет години, се залага за промовирање на братството, инклузивноста и солидарноста, сведочење на христијанската вера меѓу жените и мажите во спортот, аматерите и професионалците – рече папата Фрањо.

Додека членовите на ватиканското спортско друштво ги споделуваат своите животи со други натпреварувачи на различни спортски терени, иницијативите што ги преземаат – продолжи Папата – „добиваат потполна смисла како израз на заедница составена од жени и мажи, кои се поврзани во заедничко служење на Светиот Престол, ја живеат нивната љубов кон спортот како искуство на евангелизација“.

„Затоа, покрај спортските активности, вашето друштво нуди и моменти на молитва и служење на најпотребните. Близината е клучниот збор, конкретна близина до најранливите е составен дел од вашата мисија: мислам на иницијативите со млади луѓе со физичка и интелектуална попреченост, со затвореници, со мигранти, со најсиромашните семејства. И убаво е што на овие средби учествуваат сите подеднакво достоинствено, вклучително и олимписките и параолимписките шампиони, дипломатите и членовите на Куријата. Се враќам на зборот близина – близина која преку спортот станува внимателна. Како Бог со нас: Бог е близок и внимателен и затоа е сочувствителен. Близок и внимателен“.

Папата Фрањо го опиша спортот како средство за изразување таленти и градење на општеството.

„Спортот, всушност, нè учи на вредности на братството. Не сме острови: на терен не е важно потеклото, јазикот или културата. Важна е посветеноста и заедничката цел. Ова единство во спортот е моќна метафора за нашите животи. Тоа не потсетува дека, и покрај нашите разлики, сите ние сме членови на исто човечко семејство. Спортот има моќ да ги обединува луѓето, без разлика на нивните физички, економски или социјални способности. Тоа е алатка за инклузија која ги урива бариерите и ја слави различноста“.

Светиот Отец за секојдневниот живот, од спортот извлече поуки: играње според правилата, победа со понизност и достоинствено прифаќање на поразот.

„Спортот ни покажува и дека можеме да се соочиме со нашите ограничувања со трпение и одлучност. Секој спортист со дисциплина и посветеност не учи дека со верба и истрајност можеме да постигнеме цели за кои никогаш не сме мислеле дека се можни. Оваа порака на надеж и храброст е клучна, посебно за младите“.

На крајот, папата Фрањо ги охрабри членовите на ватиканското спортско друштво да гледаат на спортот како начин на живот кој помага да се изгради посолидарна заедница и да се пренесат вредностите на христијанскиот живот: лојалност, пожртвуваност, тимски дух, посветеност, инклузивност, одрекување и откупување.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот